• среда, 25 декември 2024

Дневен центар за активно стареење од Црвен Крст победник на првата "Богојавленска софра" во Крива Паланка

Дневен центар за активно стареење од Црвен Крст победник на првата

Крива Паланка, 19 јануари 2024 (МИА) - Во духот на христијанските чествувања, со вкусна Богојавленска софра, македонска музика, стотици граѓани денеска на градскиот плоштад во Крива Паланка го прославија големиот христијански празник, Водици - Богојавление. Во натпреварувачкиот дел на манифестацијата, пак, првата награда за најдобра "Богојавленска софра" ја освоија членките на Дневен центар за стари лица со активно стареење, Црвен Крст, Крива Паланка.

Општина Крива Паланка на градскиот плоштад организираше централна манифестација "Богојавление , Водици 2024 " со музичка програма и за првпат одржана "Богојавленска софра" со натпреварувачки карактер.

Настанот го организираа општината и институциите од областа на културата од градот, заедно со Македонска асоцијација на готвачи и шефови на кујни „Гастромак“.

Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, ги поздрави присутните, посака здравје, бериќет и благосостојба на сите.

-Оваа година нека биде година на победи и успеси за сите нас. Многу здравје, среќа, бериќет и на среќникот што го извлече крстот од Крива Река. Годинава реализираме една поинаква организација и концепт на овој празничен настан, поразличен во споредба со претходните години. На овој начин го збогативме празнувањето за да го омасовиме, а бидејќи гледам преполн плоштад денес, вашето присуство говори дека ја постигнавме целта. Радува фактот што имаме натпреварувачи од различни возрасти, од повеќе региони на државата, така што верувам веќе поставивме добра основа за еден настан што во иднина ќе биде традиција со голема посетеност, рече Митовски.

Жири комисијата од "Гастромак" ги оценуваше приготвените специјалитети и додели три главни награди: прва награда за најдобра "Богојавленска софра" освоија членките на Дневен центар за стари лица со активно стареење, Црвен Крст, Крива Паланка, втора награда, Здружението на пензионери Неготино, а трето место за најдобра софра, Верица Ценева од Радовиш.

За најубава е прогласена софрата на Здружение на пензионери Крива Паланка, највкусна софра приготви Здружение на пензионери Куманово, најдобро аранжирана трпеза имаше Здружението "Жаклин Арт", Општина Ѓорче Петров. Најавтентична македонска софра - Здружение на пензионери Ранковце, а најубави македонски ракотворби прикажаа двата пријавени учесника во оваа категорија, "Жаклин Арт" и пензионерите од Неготино.

Средношколците од угостителската струка од СОУ "Ѓорче Петров ", Крива Паланка, со менторот Дане Петровски беа прогласени за талентирани млади готвачи, а по завршување на натпреварувачкиот дел, присутните ги дегустираа традиционалните деликатеси и главниот празничен специјалитет - пифтии.

Она што од неодамна општината го воведе при организирање настани од масовен карактер, е хуманата мисија, па денеска на плоштадот во огромен котел се вареше гравче за продажба, заедно со пифтии, по симболична цена од 50 денари. Средствата се наменети за матурантите од градот од социјално ранливи категории. иб/вг/

Фото: Општина Крива Паланка 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан