• недела, 24 ноември 2024

Дневен преглед за состојбата со Ковид-19 во светот

Дневен преглед за состојбата со Ковид-19 во светот
Скопје, 27 мај 2020 (МИА) – Според најновите податоци, во светот со новиот коронавирус досега се заразиле 5.734.838 лица. Од нив починале 354.208, а оздравеле 2.466.989. - Во Србија во последните 24 часа едно лице почина од последици од коронавирусот, објавено е на веб-страницата на Министерството за здравство, covid19.rs. Бројот на жртви од почетокот на епидемијата е 240. Од последниот пресек на состојбата во Србија, 5.714 лица се тестирани за коронавирус, а вирусот е потврден кај 48 од нив. Од почетокот на епидемијата во Србија се заразени вкупно 11.275 лица, а 6.727 пациенти се излекувани. - Во последните 24 часа нема новозаразени со коронавирус во Хрватска, а вкупниот број пациенти од почетокот на епидемијата е сè уште 2.244, соопшти денеска Националниот штаб за цивилна заштита. Досега се тестирани 64.266 лица, од кои 584 во последните 24 часа. Хоспитализирани се 38 лица, од кои шестмина се на респиратор. Вкупниот број оздравени во Хрватска е 2.047, а на починати е 101.

- Во Косово вчера беа извршени 220 тестирања на лица за кои постоело сомневање дека е можно да се заболени од Ковид-19, при што се регистрирани девет нови случаи на позитивни на новиот коронавирус. Според последните официјални податоци на косовските здравствени власти, бројот на досега потврдени случаи на заразени во земјата изнесува 1.047. Од нив, излекувани се 794 лица, од кои вчера тројца, додека починале 30 заболени. Вклучително последните статистики, официјалната бројка на активни случаи изнесува 223. Според Институтот за јавно здравство на Косово, заклучно со вчерашниот ден, во неговата лабораторија за микробиологија се извршени вкупно 13.725 тестирања.

- Во Албанија во последното деноноќие се регистрирани 21 новозаразен, сите во Тирана. Од ново дијагностицираните 13 се од универзитетската клиника, медицински персонал и пациенти, кои имале контакт со медицинска сестра, кај која болеста е потврдена пред два дена, а била заразена надвор од клиниката. Во исто време, болеста ја победиле девет пациенти,со што вкупната бројка на оздравени е 812 од вкупно заболените 1.050. Активни на болеста се 205 лица, од кои болнички се лекуваат 25, од нив тројца се на интензивна терапија. Од почетокот на пандемијата во оваа земја направени се 15.094 тестови. - Министерството за здравство на Грција денеска соопшти 18 нови позитивни случаи на Ковид-19, а вкупниот број заразени се зголеми на 2.903 лица. Досега во Грција се направени 166.245 тестови. - Од направени 2.640 анализи, во изминатите 24 часа на Кипар не е регистриран ниту еден нов случај на Ковид-19. Па така, бројот на заразени лица остана непроменет, односно 939 позитивни случаи од почетокот на епидемијата. - Швајцарската Влада соопшти денеска дека од 6 јуни повторно ќе дозволи јавни и приватни настани на кои ќе присуствуваат 300 лица и спонтани собири до 30 лица, со што дополнително ќе ги олесни рестриктивните мерки воведени во земјата за да се спречи ширењето на коронавирусот.  Владата на 24 јуни ќе донесе одлука дали да ја укине забраната за настани на кои можат да присуствуваат најмногу 1.000 луѓе. - Официјални лица во Стразбур апелираа до стотици гледачи кои присуствуваа на незаконски одржаниот натпревар за време на викендот во Стразбур да бидат тестирани анонимно за коронавирусот. Според „Гардијан“, натпреварот се одиграл во неделата помеѓу два локални градски клуба, додека забраната за јавни собири на повеќе од десет лица е во сила. На натпреварот учествуваа околу 400 луѓе кои се повикани од надлежните да бидат тестирани за коронавирусот поради страв од втор бран на пандемијата.
- Полјаците од 30 мај ќе можат да излезат надвор без маски, а од 6 јуни повторно ќе бидат отворени кината, театри и спортски сали, соопшти денеска полската Влада. Во наредните денови ќе бидат дозволени јавни собири до 150 лица, а ќе бидат ублажени и рестриктивните мерки во однос на бројот на луѓе во црквите. Досега во Полска се регистрирани 22.074 случаи на коронавирус и 1.024 смртни случаи, што е многу помалку отколку во другите поголеми европски земји.
- Бројот за заразени од Ковид-19 во Африка во изминатите 24 часа се зголеми за 3.690, со што вкупниот број изнесува 118.927. Бројот на починати е 3.574, соопшти денеска филијалата на Светската здравствена организација (СЗО) за Африка.
Јужна Африка има најголем број заразени - 24.264 и 524 смртни случаи. Египет има најголем број смртни случаи - 783 и 17.967 заразени. Во Алжир има 617 смртни случаи и 8.697 заразени, додека во Мароко заразени се 7,556 лица, а 202 се починати.
Во субсахарска Африка, Нигерија е на второ место по Јужна Африка во однос на бројот на заразени лица, и во таа земја има 8.344 заразени и 249 мртви. паг/
.

Остани поврзан