ДКСК: Да се ограничи дискрециската моќ на министерот за внатрешни работи во однос на унапредувањата во МВР
- Според ДКСК, овозможена е широка дискрециска моќ на министерот за внатрешни работи да ја уредува постапката за унапредување на вработените преку подзаконски акт без прецизни законски рамки, што создава ризик од влијание врз мерит системот и интегротетот на самиот процес.

Скопје, 15 април 2025 (МИА) - Покрај утврдениот максимален рок, да се дефинира и најкраток рок за пријавување на интерниот оглас за унапредување во МВР, да се иницираат измени на Законот за внатрешни работи за прецизно да се утврдат фазите и стандардите за унапредување, да се ограничи дискрециската моќ на министерот за уредување на постапката преку подзаконски акти и да се воведе поголема транспарентност при мерит системот и кариерниот развој на службените лица, препорачува Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
Како што беше истакнато на денешната седница, ДКСК утврди значајни регулаторни ризици од корупција и судир на интереси при анализата на одредбите од член 14 од Правилникот за начинот на спроведување селекција при распоредување и унапредување и за начинот на остварување на системот на кариера на работниците во Министерството за внатрешни работи.
- Ризиците произлегуваат од недопрецизираните одредби за роковите за пријавување на интерните огласи. Со член 14 од Правилникот утврден е само максималниот рок од седум дена за пријавување по интерниот оглас, без прецизирање минимален рок што остава простор и можност интерниот оглас да биде активен и само еден ден. Ова создава простор за намалување на конкуренцијата и фаворизирање кандидати. Утврдена е и некохерентна правна техника и двосмислени формулации, односно одредбата од став 2 на Правилникот наведува дека рокот е дел од податоците во телеграмата која се доставува за објавување на интерниот оглас, но не е прецизно регулирано дали овој рок е задолжителен, кој го определува и на кој начин, истакна членот на ДКСК Зоран Богоевски кој ја презентираше анализата.
Според него, овозможена е широка дискрециска моќ на министерот да ја уредува постапката за унапредување на вработените преку подзаконски акт без прецизни законски рамки што создава ризик од влијание врз мерит системот и интегритетот на самиот процес.
-За да се минимизираат ризиците од корупција и судир на интереси во постапките за интерно унапредување во МВР, ДКСК овој Извештај ќе го достави до предлагачот на Законот за внатрешни работи и до органите надлежни за негова имплементација, напомена Богоевски.
ДКСК на денешната седница ги презентираше и Извештајот од спроведена антикорупциска проверка на легислативата на одредби кои се однесуваат на издавањето на лиценци, одобренија, дозволи за работа на угостителски објекти и слично, како и за вршење надзор во Законот за угостителска дејност, Законот за заштита и спасување, Законот за инспекциски надзор, Законот за локална самоуправа, Законот за заштита од експлозивни материи и Законот за промет на експолозивни материи, како и Извештајот од спроведена антикорупциска проверка на легислативата на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. мч/лв/
фото: МИА архива и принт скрин