ДКСК: Арсовска незаконски го именувала Драган Илиевски за в.д директор на Зоолошката градина
- При именување на Драган Илиевски за нов в.д директорот во скопската Зоолошка градина, градоначалничката на Град Скопје постапила спротивно на законот, утврди ДКСК.
Скопје, 19 јули 2023 (МИА) - Градоначалничката на Град Скопје постапила спротивно на законот, при именување на Драган Илиевски за нов в.д директорот во скопската Зоолошка градина, утврди ДКСК.
Државната комисија за спречување на корупција на денешната 89 седница утврди дека Илиевски бил именуван за директор, иако тој не го исполнувал условот претходно да биде вработен во самиот објект.
Како што информираа од ДКСК, извршен бил вонреден инсекциски надзор и според записникот од надзорот бил утврдена неправилност по што инспекторот упатил укажување напомена за отстранување на констатираната неправилност согласно предвидениот законски рок, со напомена дека за сторената повреда на член 34 од Закоот за култура не е определена ниту пропишана прекршочна санкција.
-Инспекторатот утврдил дека претходниот директор Кристијан Стаменов бил разрешен од функцијата, додека две недели подоцна е именуван Драган Илиевски. ДКСК констатира дека пријавата и документите ги содржат потребните акти со кои се утврдува наведената постапка, ваквото постапување на градоначалникот на Град Скопје упатува на преземени активности за именување на лице за вршител на должност на јавна установа спротивно на членот 34 став 1 од Законот за култура што претставува основ за сомневање за сторено кривично дело а тоа е злоупотреба на службената положба и овластување, појасни претседателката на Комисијата Билјана Ивановска.
Од Комисијата соопштија дека од нивна страна ќе биде поведена иницијатива до ОЈО за поведување постапка кривично гонење, поради сомневање за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, против Данела Арсовска. Воедно Комисијата ќе достави иницијатива за поведување кривично гонење и за в.д директорот Драган Илиевски, како и препорака до Инспекцискиот совет во врска со непостапувањето на Инспекторот кој извршил надзор. свс/нд/
Фото: МИА архива