Ди Монтеѕемоло: Ферари е тим без душа
- Поранешниот претседател на Ферари, Лука ди Монтеѕемоло, викендов е меѓу гостите на Големата награда на Бахреин, но тој не беше поканет од Скудерија, туку од кралското семејство на арапската држава. Ова е негова прва посета на Формула 1 трка по повеќе од 10 години и Ди Монтеѕемоло, пред да замине во Бахреин, го оживеа традиционалниот италијански притисок врз Ферари.

Бахреин, 13 април 2025 (МИА) - Поранешниот претседател на Ферари, Лука ди Монтеѕемоло, викендов е меѓу гостите на Големата награда на Бахреин, но тој не беше поканет од Скудерија, туку од кралското семејство на арапската држава. Ова е негова прва посета на Формула 1 трка по повеќе од 10 години и Ди Монтеѕемоло, пред да замине во Бахреин, го оживеа традиционалниот италијански притисок врз Ферари.
Ди Монтеѕемоло зборуваше за популарната ТВ програма „TГ1“ на „РАИ“ и не ги штедеше своите критики за актуелните шефови на Скудерија, посочувајќи дека Италијанците немаат светска титула во шампионатот на возачи од 2007 година и во шампионатот на конструктори од 2008 година.
-Десет години се многу време и се надевам дека ќе му донесам среќа на Ферари. На Ферари му треба среќа во моментов. Како се чувствувам како навивач? Тажно, затоа што гледам дека Ферари сега е тим без душа. Ферари е страст, Ферари е работа 24/7, Ферари значи никогаш да не се откажуваш. А јас сум и малку лут затоа што се надевав дека барем оваа година ќе имаме конкурентен болид од почетокот на сезоната, му рекол Ди Монтеѕемоло на водителот Марко Франџели.
Ди Монтеѕемоло го коментираше и доаѓањето на Луис Хамилтон во Ферари, што беше тема број 1 за време на зимскиот распуст во Формула 1.
-Хамилтон е одличен, тој е дел од историјата на Формула 1. Тој знае дека ова е неговата последна шанса, дојде во Ферари да победува, да ја заврши кариерата во Ферари. Но, да се адаптираме на нов начин на работа е тешко, проблемот е што немаме болид со кој ќе се бориме за титулата. По толку години ни треба болид со кој ќе победуваме, објасни поранешниот претседател на Ферари.
Ди Монтеѕемоло призна дека доколку забележи напредок од Ферари во Бахреин би бил поголем оптимист, но по првите три тркачки викенди во Формула 1 оваа сезона тој е „се помалку оптимист“. дс
Фото: Принтскрин