• среда, 25 декември 2024

Ди Каприо издејствувал комерцијална забрана за свој филм

Ди Каприо издејствувал комерцијална забрана за свој филм
Лос Анџелес, 28 јули 2022 (МИА) - „Волкот од Волстрит“, „Фати ме ако можеш“, „Ромео плус Јулија“, „Дневниците на кошаркарот“ и „Не гледај горе“ - се само дел од богатата филмографија на Леонардо ди Каприо. Сепак, има еден филм што тој го снимил и за којшто, веројатно, малкумина слушнале бидејќи глумецот веќе над 20 години се обидува да спречи „лентата“ да го види „белиот ден“... „Сливата на Дон“ (Don's Plum) е импровизиран црно-бел инди филм за група од 20-годишници кои секоја сабота навечер се собираат на вечера во Лос Анџелес за да разговараат за несреќите во нивните животи. Во главните улоги се и Кевин Коноли и Тоби Мегвајер, а филмот е снимен во неколку дена во 1995. и 1996 година - една година пред Ди Каприо да стане светска ѕвезда благодарение на оскаровскиот „Титаник“. Но, занимливо е што филмот е сѐ уште забранет за прикажување во САД и Канада. Набргу по подемот на Ди Каприо, Мегвајер ја доби главната улога во суперхеројскиот филм „Спајдермен“. Тоа го поттикна режисерот на нискобуџетниот филм - Р.Д. Роб да договори состаноци со дистрибутерите, со надеж дека филмот ќе допре до пошироката публика. Потоа, Р.Д. Роб поднел тужба против Ди Каприо и Мегвајер. Во одговор кон тужбата во 1998 година, глумците тврдат дека никогаш немале намера проектот налик задача за на филмското училиште да стане игран широко-комерцијален филм. Тие, исто така, велат дека филмот го снимиле како услуга и добиле само 500 долари и верувале дека тој ќе се прикажува само на независни филмски фестивали. Така актерите го блокирале прикажувањето на филмот. Но, продуцентот Дејвид Стантман ги тужел за наводно „покренување измамна и принудна кампања за да се спречи тој филм да биде објавен“, тврдејќи дека се плашеле дека може да „открие лични искуства или стремежи“. Сепак, филмот накратко беше објавен на интернет во 2001 година во Германија, откако не стигна во кината. Еден од продуцентите на филмот, Дејл Витли, ја создаде и страницата freedonsplum .com во 2016 година и сподели врска за да го проследи целиот филм на пплатформата „Вимео“, но „по известување од страна на Леонардо ди Каприо и Тоби Мегваер“, видеото е отстрането и оттука. - Не можам повеќе да молчам. Не можам повеќе да дозволам клеветите и лагите што ги направивте против „Сливата на Дон“ да го нарушат големото дело на уметниците кои го создадоа. Веќе не се плашам ниту од вас, ниту од вашите адвокати. Ќе зборувам со слободата што ја имам, што ја дава нашиот Устав. Ќе се залагам за нашиот филм и за сите луѓе кои помогнаа да се направи, рече Витли тогаш. На Јутјуб денес, сепак, може бесплатно да се погледнат исечоци од филмот, како и целиот 110-минутен филм - сѐ додека не биде отстранет.  си/ https://www.youtube.com/watch?v=4xKVI6PoHb0

Остани поврзан