• среда, 18 декември 2024

Дискусија на тема „Зајакнување на капацитетите на граѓанските организации на лицата со попреченост“

Дискусија на тема „Зајакнување на капацитетите на граѓанските организации на лицата со попреченост“

Скопје, 10 октомври 2024 (МИА) - Организацијата „Полио Плус - Движење против хендикеп“ денеска во Скопје одржа работилница на тема „Зајакнување на капацитетите на граѓанските организации на лицата со попреченост“. Дискусијата е во рамките на проектот „Disability Alliances for Development of Inclusive Reforms in the Region (DADIRR)“ дел од програмата „Смарт Балкан“ (Smart Balkan), којшто е финасиски поддржан од Министерството за надворешни работи на Норвешка.

На работилницата се разговараше за развојот на политиките на државата, но и на општините, во согласност со Конвенцијата за правата на лицата со хендикеп, застапувањето, мониторингот и евалуацијата на законодавството.

Во таа смисла, како позитивен пример беше посочена неодамнешната „actio popularis“ постапка („тужба во интерес на јавноста“), каде што македонскиот Хелсиншки комитет за човекови права со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје повел постапка против Владата и Државната изборна комисија, поради непристапни избирачки места. Граѓанскиот суд во Скопје донесе пресуда во корист на ХКЧП, којашто е потврдена од Апелациониот суд во Скопје.

Комисијата за заштита од дискриминација во овој случај се јави како „amicus curiae“ (стручен „пријател на Судот“), се наведува во образложувањето на правниците.

На денешниот собир имаше и претставници на Македонското здружение на млади правници, како и други правни експерти.

Според нив, оваа пресуда треба да се претвори во норма. Во нормални услови, според правничкото толкување - ваквата пресуда ги задолжува властите и надлежните инстанции да обезбедат целосна пристапност до гласачките места - без какви било пречки. Во спротивно, на следниот и секој нареден изборен процес, секој поединец, кој на суд ќе докаже однесување - спротивно на пресудата, ќе може да бара отштета, нагласуваат правниците.

Како главна тема се наметна пристапноста до објектите од јавен интерес којашто ги засега лицата со попреченост. Тука спаѓаат физичкиот пристап без пречки во движењето, лесно добивање помош, услуги, информации, прилагодувања на работните места и секаков друг пристап и достапност на коишто сите граѓани имаат право, во однос на образованието, вработувањето, работното место, учеството во политиката на заедницата, здравствените установи и секоја друга област во македонското општество.  си/aa/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан