• недела, 28 јули 2024

Дискусија „Како до независно судство“’: Судиите јавно да се спротивстават на корупцијата и на влијанијата во својата фела

Дискусија „Како до независно судство“’: Судиите јавно да се спротивстават на корупцијата и на влијанијата во својата фела

Скопје, 4 јули 2023 (МИА) -Проблемите во правосудството кога станува збор за независноста и професионалноста не се од скоро време, туку се наследени од осамостојувањето на државата и воспоставувањето на новиот судски систем. Последните случувања во Судскиот совет покажуваат дека е допрен врвот во беззаконието. Потребни се долгорочни решенија, да се искористи примерот на судиите со интегритет, кои се спротивставиле на корупцијата и на влијанија и да се изолираат судиите со непожелни карактери преку употреба на правни средства што им стојат на располагање.

Ова се дел од пораките од претставници од граѓанскиот сектор кои го следат правосудството, што беа искажани на настанот „Како до независно судство?“ во органзиација на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје. 

Дарко Аврамовски од Коалицијата „Сите за правично судење“ оцени дека поради отсутството на каква бико активност која што би придонела кон долгорочни и одржливи решенија за да се подобрат состојбите во правосудството, фактички само се калемат проблемите еден на друг, се заплеткуваме во многу голем јазол од кој што сега е многу тешко да се отплеткаме без да биде направена макар колатерална штета во тој процес. Пример за тоа рече се случувањата во Судскиот совет.

-Случувањата во Судскиот совет се добар пример за да се илустрира тоа во пракса, бидејќи сега сме соочени со избор или Судскиот совет да продолжи да функционира како нелегитимно тело и секоја негова одлука да биде дочекана како недоверба или државата преку посебен закон фактички да го прекине мандатот на членовите на СС што ќе предизвика можеби други проблеми понатаму во иднина. Тоа значи дека состојбите се исклучително сериозни и мора да почнеме да наоѓаме начин како да почнеме да ги решаваме работите на долг рок, да не мислиме дека ова е состојба која ќе можеме да ја решиме за неколку месеци или за неколку години. Дваесетгодишни проблеми не можат да бидат надминати за помалку од веројатно исто толкав период. Меѓутоа за тоа е потребно да се направи добро истражување, добро планирање, да се отворат јавни дебати, да се вклучат сите чинители, да бидат вклучени и оние судии кои би се охрабриле јавно да се спротивстават на корупцијата и на влијаната во својата фела. Да си најдат позитивни примери и оние судии кои имаат интегритет и кои успеале да се изборат со такви влијанија, и кои ја имаат докажано својата професионалност и да ги користиме нив како примери, да се охрабрат судиите да пробаат да ги преземат добрите практики од нивните колеги, но секако и да најдеме начин како да ги изолираме од судството оние непожелни карактери кои немаат интегритет, независно дали станува збор за судии, обвинители и адвокати, или пак членови на некои од телата како Судскиот совет, Советот на обвинители итн, изјави Аврамовски.

На новинарско прашање дали е потребен ветинг на судиите обвинителите, но и на извршителите, според Аврамовски тоа е комплексно прашање, кое смета дека се отвора како предмет на политичка манипулација и популизам за да се покрене во јавноста, оти, вели, и со постојните механизми постои можност за ветинг, но со навистина независен и професионален Судски совет.

-Доколку вие воспоставите навистина независен и професиоанлен Судски совет кој ги бира и кој може да ги разрешува судиите, практично имате тргнато на добар пат за да го прочистувате судството и да направите своевиден ветинг бидејќи ветинг не нужно мора да значи дека треба да се започне некаков посебен процес, да се донесе посебен закон или да се распуштат судиите па да има нови избори. Ветинг може да биде и тоа конечно да се започне процес на искористување и зајакнување на оние механизми кои веќе ги имаме. При тоа тука е не само СС, тука треба да стане збор и за Академијата за судии и јавни обвинители, за високото образование па дури и за средното и основното образование за да се поттикнат капацитетите на општеството во целина, затоа што ова не е излолиран проблем кој е специфичен само за судството, ова се практично социлошки појави кои ги гледаме во сите сфери на општеството, велии Аврамовски.  

Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права оцени дека она што 30-тина години се случува во правосудството, сега доживува кулминација, подвлекувајќи дека ниту една власт во земјава не успеа да се воздржи од влијанија во правосудниот систем, што создаде, вели, јака матрица која и на самите судии не им остава простор да веруваат во системот чиј дел се тие самите. Таа при тоа, исто така, укажа на случувањата во Судскиот совет.

-Она што е страшно во државата е дека и јавната администарција и судството никогаш не сфатија дека треба да им служат на граѓаните, дека треба да работат за да ја испорачаат правдата на граѓаните. Кај нас постоело, постои и ќе постои уште долго време дека тој што му помогнал на судијата да дојде на судиското столче, е тој кон кој тие теба да покажат своето „благодарам“ и ќе постапат на начин на кој и одговара на моменталната политичка структура. Истражувањата на ОБСЕ покажуваат дека судиите и самите не покренуваат судски постапки кога се незадоволни од изборите или унапредувањата, се плашат да зборуваат за тоа што се случува во правосудството, а при тоа се вреѓаат кога ние што го следиме ќе излеземе со констатација дека судството е корумпирано, дека постојат судии избрани по партиска линија. Би им порачала да не се навредуваат, туку да излезат и да ги употребат правните средства што им стојат на располагање. Небулозно е што судиите молчат, вели Пировска.

Според неа, постојат недоречености во законот во однос на тоа како да се спроведе неоптеретена и непристрасна дисциплинска постапка во однос на членовите на Судскиот совет, но вели тоа може да се уреди, подвлекувајќи при тоа дека на крајот, сепак, најважна е одговорноста и професионланоста на чинителите во судството кои треба да го спроведуваат законот. Пировска на новинарско прашање посочува дека не верува во влијанието на меѓународниот фактор во однос на подобрување на состојбите во правосудството, со оглед на вложените стотина милиони евра, а за што пример се последните случувања во Судскиот совет.

Миша Поповиќ, раководител на центарот за добро управување во Институт за демократија, порача дека целта на денешниот настан е да се продолжи дебата за тоа како да се стигне до независно судство, со оглед дека нема можност за напредување во судството доколку не сте член на политичка партија или не завршите услуги на политички или бизнис интереси што вели, говори за материјализација на ризиците. Според него она што навистина функционира се надворешните механизми на контрола на правосудството како мониторингот од страна на граѓанскиот сектор и пишувањата во медиумите за криминал и корупција, а едно од прашањата кое треба да се одговори е како фелата да се охрабри да се спротивстави на корупцијата. 

-Од двете истражувања на ОБСЕ од 2009 и 2022 година за ризиците од корупција во судството ќе видите дека системот на влијание се прилагодил, односно додека во 2009 се забележува дека влијанието врз непристрасната работа на судиите подеднакво влијаеле од СС, нивните колеги, политичарите... на одредени предмети, сега во 2022 резултатите покажуваат две нивоа на контрола и многу се поизразени влијанијата што судиите ги добиваат од своите колеги и своите претпоставени (над 40 проценти од судиите). Тој систем на влијание се прилагодил да изгледа малку позатскриен и ја гледаме таа структура на поделба на контрола - едните обездуваат филтри кој каде ќе се најде, а понатаму фелата контрола. Веројатно едно од решенијата е како да се победи тој притисок во секојдневната работа, рече Поповиќ посочувајќи дека решението е охрабрување на судиите со интегритет преку постоечките правни механизми да ги изнесат пред лицето на правдата и ги исфрлат од системот колегите со непрофесионално делувањето.

Настанот е организиран како дел од проектот „Поттикнување на јавната дебата за антикорупција“ кој цели кон поддржување на реформскиот процес во Северна Македонија преку зајакнување на реформската агенда во областа на владеењето на правото, а за остварувањето на оваа цел проектот предвидува соработка и консултација со сите релевантни чинители. Проектот е поддржан од Националниот фонд за демократија, соопштуваат од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопјe. вг/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан