• среда, 15 јануари 2025

Диригентот Виктор Митревски настапи во Операта во Малме

Диригентот Виктор Митревски настапи во Операта во Малме

Скопје, 14 јануари 2025 (МИА) - Македонскиот диригент Виктор Митревски на 8 и 10 јануари настапи како гостин диригент во Операта во Малме во Шведска, во новата продукција на една од најизведуваните опери од Моцарт „Така прават сите“ („Cosi fan tutte“). 

Оваа поставка на „Така прават сите“ носи поднаслов „Училиште за љубовници“ и претставува модерна интерпретација на Моцартовото ремек-дело.

Станува збор за хумористична и модерна интерпретација на операта од Моцарт чие дејствие се одвива на сосема неочекувана локација: „Икеа“. Во оваа верзија Алфонсо работи во „Икеа“, користејќи ја продавницата како сцена за својот клинички експеримент за трајноста на љубовта. Данската режисерка Катрин Видеман, која претходно ја постави оваа продукција во Осло, му даде современ и хумористичен контекст на ова класично оперско дело. Костимите и дизајнот на Маја Равн ја трансформираа „Икеа“ во перфектен подиум за истражување на љубовните врски, преку класичната битка на фразата „да се средат нештата“, без разлика дали станува збор за мебел и за љубов.

Виктор Митревски живее и работи во Виена во Theater an der Wien во тесна соработка со хорот „Арнолд Шенберг“. Тој студиите по диригирање ги почнал во класата на проф. Саша Николовски-Ѓумар на ФМУ во Скопје. Во 2016 година, ги завршил студиите по хорско диригирање на Универзитетот за музика и применета уметност во Виена, во класата на Ервин Ортнер. Следната година дипломирал и оркестарско диригирање на истиот универзитет во класата на проф. Симеон Пиронков и Урош Лајовиц со концерт со Словачката Филхармонија. За време на студиите е активен учесник на неколку семинари со познати диригенти како Фабио Луизи, Симоне Јанг, Бертранд де Били, Јоханес Шефли и др. Во 2012 дебитирал во Македонската Опера и Балет со „Аптекарот“ од Јозеф Хајдн, во 2014 диригирал со Балтичката Филхармонија во Гданск, Полска. Во 2017 година имал успешното деби во Виена и тоа во Theater an der Wien со експерименталниот проект Wir befreien Eurydike („Ја ослободуваме Евридиче“). Во 2020 бил асистент диригент на Лео Хусеин во изведбата на светската премиера „Хамлет“ на Јозеф Самер во Русе, Бугарија.бт/са/

 

Остани поврзан