• петок, 27 декември 2024

Директорот на БЈБ Јанев учесник на второто Генерално собрание на Асоцијацијата на шефови на полиции за земјите од ЈИЕ - СЕПКА

Директорот на БЈБ Јанев учесник на второто Генерално собрание на Асоцијацијата на шефови на полиции за земјите од ЈИЕ - СЕПКА

Скопје, 12 декември 2024 (МИА) - Директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР Александар Јанев денеска во Белград присуствувал на второто Генерално собрание на Асоцијацијата на шефовите на полициите на земјите од ЈИЕ – СЕПКА, во рамки со српското претседавање со оваа асоцијација, што инаку се одржува со поддршка од стратешките партнери и организации како ИНТЕРПОЛ, ОБСЕ, Амбасадата на САД во Белград и регионалниот проект EU4FAST.

Од МВР соопштија дека директорот Јанев, во своето обраќање посебно ја апострофирал улогата на македонската полиција во развојот на значајни проблематики идентификувани во рамки на СЕПКА. Притоа, тој се осврнал пред се на сузбивањето на трговијата со луѓе и криумчарењето мигранти, потоа за проценките на безбедносни закани за регионот на СЕПКА 2024, како и околу неопходноста од регионална синергија во борбата против сите облици на криминал вклучувајќи го и сајбер криминалот.

Според Јанев, само со заедничка, отворена и интензивна соработка, со намалување на бирократските процедури, може да се пресретнат сите евентуални предизвици што ги продуцираат различните типови на организиран и транснационален криминал, при што практично ќе демонстрираме силна заедничка посветеност за целосно анулирање на овие облици сериозен криминал.

Во рамки на посветеноста на македонската полиција за воспоставување цврсти партнерства во регионот и пошироко, пред се во интерес на градењето на побезбеден регион, односно побезбеден живот на сите граѓани и побезбедна иднина на генерациите што доаѓаат, првиот човек на Бирото за јавна безбедност Јанев на маргините од настанот имал неколку билатерални средби, како со своите колеги од Република Бугарија и Република Албанија, така и со Претседателот на ИНТЕРПОЛ, Ахмет Насер Ал Раиси и потпреседателот на Интерпол за Африка, Мухамед Дкиси, со цел продолжување на веќе започнатата витална дискусија за зголемување на капацитетите на македонската полиција, со имплементација и употреба на современи дигитални алатки за брза и прецизна детекција на безбедносни ризици за јавната безбедност.

Инаку, Генералното собрание на СЕПКА го поздравил министерот за внатрешни работи на Р.Србија Ивица Дачиќ, а по завршувањето на настанот формално претседавањето со СЕПКА го презема полицијата на Р.Албанија. цр/ев/

Фото: МВР

Остани поврзан