• петок, 27 декември 2024

Директорот на БЈБ на Генерално собрание на ИНТЕРПОЛ, во фокус меѓународната полициска соработка

Директорот на БЈБ на Генерално собрание на ИНТЕРПОЛ, во фокус меѓународната полициска соработка

Скопје, 4 ноември 2024 (МИА) - Во Глазгов, Шкотска - Обединетото Кралство од денеска до четврток се одржува Генералното собрание на ИНТЕРПОЛ, на кое македонската делегација ја предводи директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев, соопштија од МВР.  Генералното собрание било отворено од страна на премиерот на Обединетото Кралство, Кер Стармер.

Во текот на Генералното Собрание ќе се дискутираат теми  од витално значење за меѓународната полициска соработка што се спроведува преку ИНТЕРПОЛ, најголемата светска полициска организација со 196 држави членки ширум светот.

Темите опфаќаат нова генерација на полициски капацитети за размена на информации во борбата против тероризмот, организираниот криминал, сајбер криминалот и борбата против финансискиот криминал и корупцијата. Како што стои во соопштението, од огромно значење е и размената на биометриски податоци, вештачката интелигенција и иднината на полициското работење, како и поврзување на полициите преку глобално партнерство.

Ќе биде избран и новиот генерален секретар на ИНТЕРПОЛ, кандидатот од Бразил, Валдеси Уркиза, како и останати членови на Извршниот комитет на Организацијата.

- Во текот на првиот ден од Генералното собрание, македонската делегација оствари средба со делегацијата од Колумбија, на која беше договорено започнување на постапка за потпишување на Договор за соработка на полето на размена на информации и учество во заеднички истраги против трговијата со дрога и другите форми на организиран криминал, како и со делегациите од Обединети Арапски Емирати, Јужна Кореја, Турција и Франција, со кои беа дискутирани важни прашања за продлабочување на билатералната соработка со овие држави, во насока на зголемување на размената на информации за сите области на криминал, имплементирање на софистицирани методи, алатки и напредни технологии при постапувањето на полицијата, а воедно се дискутираше и за предизвиците со кои се соочуваат полициските служби во дигитален свет во кој денес живееме. Македонската полиција ја етаблираме во рамноправен партнер за соработка во глобални рамки, се наведува во соопштението. цр/бак/

Фото: МВР

 

Остани поврзан