• сабота, 23 ноември 2024

Директорот на БЈБ Тасевски на конференцијата „Сузбивање на сериозен криминал во Западен Балкан“ што се одржува во Италија

Директорот на БЈБ Тасевски на конференцијата „Сузбивање на сериозен криминал во Западен Балкан“ што се одржува во Италија

Скопје, 30 мај 2023 (МИА) - Директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Сашо Тасевски денеска учествуваше на завршната конференција на ИПА 2019 проектот „Сузбивање на сериозен криминал во Западен Балкан“ во Италија на која што, во организација на ЕУ, италијанското МВР и Германската агенција за меѓународна соработка, учествуваа шефовите на полициите на земјите од Западен Балкан. 

- Општо прифатен факт е дека прекуграничниот криминал во денешно време бара координиран пристап и висока специјализација на сите инволвирани истражители, преку усогласено делување на правосудните и полициските органи, при што заедничките иницијативи во рамки на меѓународната соработка се главна движечка сила за обезбедување ефикасен контра-одговор. И всушност, тука се вклопува проектот, кој се фокусираше на зајакнувањето на капацитетите на државите од регионот за унапредување на националните капацитети за ефикасно спроведување на истраги и јакнење на меѓународната полициска и правосудна соработка, особено преку имплементација на најдобрите практики на ЕУ во кривичните истраги, истакна Тасевски во своето обраќање на завршната конференција.

Како што информираат од МВР, Тасевски говорејќи во рамки на првиот панел од конференцијата околу импактот и додадените вредности од овој проект потенцираше дека преку најразлични форми на поддршка во предистражните постапки и истрагите – советодавна, логистичка, техничка и финансиска, поддршка на координирани истраги и заеднички истражни тимови, проектот послужи како корисна алатка за поддршка на полициските службеници и јавните обвинители во борбата против организираниот и транснационалниот криминал.

- Ценам дека проектот придонесе да се унапреди координацијата и соработката на полицијата и Јавното обвинителство преку зајакнување на способностите за размена на информации со нивните партнери на регионално, но и пошироко, на ниво на ЕУ, како и за спроведување на заеднички оперативни активности, потенцираше Тасевски.

На маргините од конференцијата, директорот Тасевски остварил средба со генералниот директор за јавна безбедност на Италија Виторио Писани, на која што е разговарано за досегашната извонредна соработка меѓу двете полиции и за можностите на продлабочување на тоа партнерство.

Завршната конференција се реализираше во четири тематски специфицирани панели произлезени од анализата на самиот ИПА проект, кои се однесуваа и на изградените организациски капацитети и нивната одржливост; како и на соработката со ЕУ и со меѓународните и регионални агенции. фф/сп/

Фото: Министерство за внатрешни работи

Остани поврзан