• вторник, 26 ноември 2024

Директорот на Борусија бара мислење од членството за договорот со „Рајнметал“

Директорот на Борусија бара мислење од членството за договорот со „Рајнметал“

 

Дортмунд, 25 ноември 2024 (МИА) – Генералниот директор на бундеслигашот Борусија Дортмунд, Ханс-Јоаким Вацке изјави денеска дека сака да се консултира со 218.000 членови на клубот во врска со контроверзното партнерство со германскиот производител на оружје „Рајнметал“.

„Би сакал да имаме целосен увид во тоа што мислат нашите 218.000 членови“, рече Вацке, ден откако беше изгласано повлекување на овој спонзорски договор објавен минатата пролет.

На годишното собрание на клубот, одржано во неделата, 556 од 855 гласачи гласаа против ова партнерство, 247 се изјаснија „за“, а 52 беа воздржани.

Резултатот од овие консултации не е обврзувачки, но генералниот директор на Борусија, кој денеска одржа говор пред состанокот на акционерите, рече дека гледа „јасен сигнал“.

Неколку денови пред финалето на последното издание на Лигата на шампиони, кое Борусија го загуби од Реал Мадрид на 1 јуни во Лондон, клубот од Дортмунд и „Рајнметал“ објавија склучување спонзорски договор на три години, чија вредност не беше обелоденета.

„Рајнметал“ е еден од најголемите производители на артилериска муниција во светот, со очекуван профит од околу 10 милијарди евра, поттикнат од конфликтите во Украина и остатокот од светот.

Навивачкиот магазин на Борусија Дортмунд, Schvacgelb, објави дека потпишувањето на тригодишниот договор со „Рајнметал“ ги шокирало повеќето навивачи и оти производителот на оружје оттогаш го „променил надворешниот имиџ“ на германскиот клуб, што „наведе многу членови да размислат да престанат да се идентификуваат како навивачи на Борусија“.

„Рајнметал“ беше еден од главните германски производители на оружје за време на Првата и Втората светска војна, а во Втората светска војна ја користеше практиката на принудна работа. ег

ФОТО: Фејсбук

 

Остани поврзан