• сабота, 23 ноември 2024

Кросе: Статистичките податоци на Народната банка се во согласност со највисокиот статистички стандард на ММФ

Кросе: Статистичките податоци на Народната банка се во согласност со највисокиот статистички стандард на ММФ

Скопје, 22 април 2024 (МИА) - Народната банка квалитетно, навремено и транспарентно ја извршува статистичката функција, што е од витално значење за обезбедување на макроекономската стабилност, водењето на монетарната политика, како и за носењето квалитетни одлуки од страна на носителите на економските политики, било истакнато на состанокот меѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вицегувернерот Фадил Бајрами и главниот статистичар и директор на Одделот за статистика на ММФ, Берт Кросе, одржан во рамки на Пролетните средби на ММФ и Светската банка.

Како што информираа денеска од НБ, директорот на Одделот за статистика изразил задоволство од тоа што Народната банка подготвува квалитетни статистички податоци, следејќи го највисокиот статистички стандард СДДС плус, како и од новите проекти што успешно ги спроведува. 

- Народната банка, во согласност со највисокиот статистички стандард за дисеминација на податоците на ММФ – СДДС плус, редовно прибира, обработува и објавува податоци, а постојано работи и на развивање и унапредување на одделните статистички домени. Поддршката од ММФ е од исклучително значење. Од октомври минатата година, Народната банка започна да ги објавува кварталните финансиски сметки и состојби. Во делот на екстерните статистики се прават напори за натамошно олеснување на процесот на доставување податоци до Народната банка, за што во тек се неколку проекти за електронско известување. Во овој сегмент се работи и на унапредување на методологијата за процена на приватните трансфери како значајна приливна ставка во платниот биланс, информираат од Народната банка.

Kaj монетарната статистика, додаваат оттаму, се продолжува со активностите од долгорочниот проект за интегриран систем на објавување податоци за статистички и супервизорски цели. Овој месец за првпат бил објавен Прегледот на „зелените“ показатели, чија цел е да се подобри расположливоста на податоците за климатските промени, којашто е суштинска при изработката на анализи и носењето политики.

-Народната банка постојано применува практики за зајакнување на транспарентноста и остварува редовна комуникација со известувачите и со корисниците на статистичките податоци, се вели во денешното соопштение од Банката. сст/бак/

Фото: Народна банка

 

Остани поврзан