• четврток, 26 декември 2024

Директорка на ГАК: Македонија може да се мери со светски достигнувања, родено бебе од 61-годишна мајка 

Директорка на ГАК: Македонија може да се мери со светски достигнувања, родено бебе од  61-годишна мајка 

Скопје, 26 ноември 2024 (МИА) - Дека во светот на медицината повеќе не постојат граници и дека медицината во Македонија може да се мери со светски достигнувања, говори и раѓањето на бебето Петар, кого на свет го донесе највозрасната проворотка во државата, 61-годишна пациентка. Ова денеска го подвлече директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, проф. д-р Ирена Алексиовска Папестиев, во изјава за медиумите. 

Алексиовска Папестиев рече дека тоа е прва пациентка во државава која останала бремена со сопствена јајце клетка, бременоста била следена во земјава и породила во државава. Пациентката била породена во 36 г.н. со царски рез со уреден оперативен тек.

- Родено е живо машко бебе со родилна тежина од 2350 гр. и 48 см. И мајката и бебето се во одлична општа состојба. Мајката херој како што ја нарековме, е пациентка со исклучително тешко гинеколошко и акушерско минато со 10 ин витро интервенции и 10 спонтани абортуси. Во изминатите години пациентката имала и други 3 гинеколошки операции, изјави Алексиовска Папестиев. 

Таа додаде дека во текот на оваа бременост пациентката имала hypertensia (покачен крвен притисок) и diabet 2, но бременоста била уредна и контролирана.

- Дека во светот на медицината повеќе не постојат граници и дека медицината во Македонија може да се мери со светски достигнувања, говори и раѓањето на бебето Петар, кого на свет го донесе највозрасната проворотка во државата, 61-годишна пациентка, нагласи проф. д-р  Алексиовска Папестиев.

Мајката и бебето денеска ќе бидат пуштени дома, а за бебето ќе се грижи и таткото кој има 65 години. 

- Денес ги испраќаме дома бебето и родителите кои не се откажале од својот сон, не потклекнале на неуспесите, на притисоците од околината и на предрасудите со кои живееме. На Петар и неговите родители им посакуваме одлично здравје, безгрижно детство и долги години на радост минати заедно со семејството, истакна директорката на Клиниката. 

До неодамна најстара бремена пациентка била 60-годишна жена која, бидејќи не била граѓанин на нашата држава, породувањето го завршила во земјата од која потекнува.

Во регионот, највозрасна прворотка била Љубица од Србија која родила на 62 години, но со донирана јајце клетка и трансфер извршен во Чешка, како и Афифа (61г.) исто така од Србија која по три неуспешни инвитра, останала бремена. Во светот, најстари пациенти се 62-годишна пациентка од Шпанија и 76 годишна жена во Индија. бд/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан