• недела, 24 ноември 2024

Дипломатски извори: Столтенберг ќе предложи фонд за Украина од 100 милијарди евра

Дипломатски извори: Столтенберг ќе предложи фонд за Украина од 100 милијарди евра

Брисел, 3 април 2024 (МИА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ќе предложи создавање фонд од 100 милијарди евра за пет години за помош на Украина во војната против Русија, објавија синоќа дипломатски извори.

За ова ќе разговараат 32-те земји од НАТО денеска на состанокот на министрите за надворешни работи во Брисел, велат истите извори.

-Министрите „ќе разговараат за најдобриот начин да се организира поддршката на НАТО за Украина за да биде посилна, попредвидлива и поодржлива“, изјави неименуван претставник на Алијансата.

На состанокот не се очекува одлука, но „разговорите за тоа ќе продолжат пред самитот на НАТО во Вашингтон во јули“, додаде функционерот.

За финансирањето на тој фонд се уште се разговара, но идејата е секоја од земјите-членки на Алијансата да придонесе според својот бруто домашен производ (БДП).

-Сè што придонесува за динамиката на поддршката за Украина оди во вистинска насока, рече неименуван дипломат на НАТО, истакнувајќи дека идејата сè уште покренува многу прашања меѓу сојузниците, особено во однос на финансирањето.

Министрите, кои в четврток ќе ја прослават 75-годишнината од Атлантскиот сојуз, сакаат да разговараат и за начините за зајакнување на посветеноста на организацијата кон Украина, велат дипломатите.

За новиот генерален секретар ќе разговараат и министрите за надворешни работи на земјите од НАТО, бидејќи мандатот на Столтенберг истекува годинава.

Холандскиот премиер, Марк Руте, кој официјално е кандидат, има поддршка од 90 отсто од земјите на Алијансата, додаваат дипломатските анкети.

Друг кандидат за замена на Столтенберг е романскиот претседател, Клаус Јоханис. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан