Дино парк со 41 диносаурус отворен во Зоолошката градина во Скопје
- Дино парк каде се поставени 41 фигура од диносауруси во природна големина е отворен вечерва во Зоолошката градина во Скопје. Паркот зафаќа површина од 2.000 метри квадратни. Посетителите во п
Скопје, 28 мај 2021 (МИА) - Дино парк каде се поставени 41 фигура од диносауруси во природна големина е отворен вечерва во Зоолошката градина во Скопје. Паркот зафаќа површина од 2.000 метри квадратни. Посетителите во природна големина ќе можат да видат Тираносаурус, Стегосаурус, Алосаурус, како и поставки со мали диносауруси.
Портпаролката на Зоолошката градина, Тина Мицковска на отворањето рече дека паркот е нов едукативна и забавна атракција во Скопје.
- Како Зоолошка градина храбро чекориме на патот кон членството во Европската асоцијација на зооолошки градини и аквариуми, а во тоа ни помагаат многу наши пријатели, соработници и спонзори. Македонски телеком овозможи да бидеме прва дигитализирана Зоолошка градина во регионот, а од денеска и прв дигитализиран Дино парк во регионот, рече Мицковска.
Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов истакна дека Зоолошката градина е една од институциите која е силно поддржувана во изминатите три и пол години.
- Дино паркот е составен од 41 фигура на диносауруси од два периода креда и јура кои се интерактивни, се движат, пуштаат крици и од тој аспект гледано тоа е најголемиот Дино парк на Балканот. Од аспект дека е посебно ограден со посебно зеленило, го прави овој парк најголем зелен Дино парк во Европа. Инвестицијата изнесува 350 000 евра, средства од буџетот на Град Скопје кои многукратно ќе се вратат, имајќи го предвид и комерцијалниот момент кој ќе владее во паркот, рече Шилегов.
Ова, посочи градоначалникот, е само почеток на тоа што недостигаше долги години во градот, а тоа е забава за нашите најмлади, за нашите дечиња бидејќи денеска започна и постапката за изградбата на Забавниот парк во Скопје.
- Карактеристично е што Дино паркот е прв дигитализиран Дино парк и Зоололошката градина е прва дигитализирана институција. Со помош на апликацијата ќе може да се видат сите податоци со скенирање на диносаурусите кои се прикажани со што овој парк претставува едукативен центар за децата, додаде Шилегов. рп/дма/