• среда, 25 декември 2024

Димовски: Системски пристап за развој на зелената дигитализација на локално ниво

Димовски: Системски пристап за развој на зелената дигитализација на локално ниво

Скопје, 11 октомври 2023 (МИА) - Еден од главните идентификувани предизвици за зелена дигитализација на локално ниво е недостатокот на сеопфатна државна стратегија со која ќе се спроведува дигитализацијата, оценува Љубомир Димовски од компанијата ЕпиЦентар Интернационал која спроведе фокусирана проценка на зелената дигитализација во државава.

Во оваа насока, како што соопшти денеска компанијата, прв приоритет на кој треба да се работи е креирање стратегија која ќе има цел да создаде систем или процес во кој ќе бидат интегрирани сите страни и која ќе овозможи соодветна распределба на сите ресурси кои стојат на располагање за имплементирање на Стратегијата. - Крајната цел е воспоставување заеднички пристап на работење и функционирање на сите општини, а во исто време систем кој ќе обезбеди флексибилност и задржување на специфичноста во нивното функционирање, посочува Димовски. 

Проценката е направена преку идентификување бариери за зелена дигитализација, анализа на регулатива, политики, националнии локални проекти за зелена дигитализација, развивање клучни показатели за перформанси (KPIs) за бодување, истражување, анкета и интервјуа со засегнати страни од приватен сектор, граѓани, институционални претставници и дефинирање заклучоци и препораки за развој на зелена дигитализација.

Преку прокетот „Компјутерската моќ станува зелена – GO GREEN“ во рамки на Програмата InterregBalkan Med 2014 – 2020, кој го спроведува Министерството за локална самоуправа - Бирото за регионален развој, се промовира усвојувањето на интегрираниот пристап и рамка за создавање комбинирани зелени и дигитални иницијативи за трансформација на национално и транснационално ниво, што ќе доведе до „позелено“ функционирање на дигитални инфраструктури кои користат центри за податоци.

Во истражувањето се посочува дека на национално ниво се започнати процеси со кои се дигитализираат јавните услуги во корист на крајните корисници - граѓаните и приватниот сектор. Сепак, за реална примена на зелената дигитализација, потребна е заедничка координација и интеграција на сите заложби, особено еднакво вклучување на локалните власти за да се заокружи сеопфатен процес кој ќе даде вистински резултати.

Втор приоритет, кој е особено важен, стои во соопштението,е унапредување на ИТ инфраструктурата на локално ниво, мотивирање и инвестирање во ИТ кадар и мапирање на технологиите преку коис е даваат јавните услуги и можности за нивно технолошко усовршување. Според Димовски, понатамошните активности треба да се движат во насока на примена на дигитални модели за подобра искористеност на енергетската ефикасност и зголемено користење на обновливите извори на енергија на локално ниво.

-Отпадот и рециклирањето за локалното население се јавуваат како еден од најважните сегменти кои треба да бидат адресирани во процесот на спроведување активности поврзани со зелената дигитализација на локално ниво. Браунфилд инвестициите претставуваат одлична можност за прикажување на зелената дигитализација како процес на трансформација. За оваа активност се уште нема доволно конкретни иницијативи, најмногу поради долгите правни постапки околу сопственоста на овие објекти, ограничените овластувања на локалните администрации и недоволното ниво на промоција и информираност околу можностите поврзани со ваков вид објекти и инвестиции, додава Димовски.  

Неопходноста да се работи на зголемување на свеста на локалното население и подигнување на нивото на едукација на сите релевантни чинители во локалните системи произлегува како еден од главните заклучоци на Истражувањето, спроведено во осум општини, таргетирајќи млада популација (ученици во средни училишта) и соодветни претставници од приватниот сектор.

- За таа цел при креирање на националните политики, регулативи и стратегии, треба да се гледа низ призмата на потребите на локалното население како основни корисници на јавните услуги, вели Димовски.

-За развој на стратегијата за зелена дигитализација на локално ниво потребно е да се постави соодветен систем на клучни показатели кои ќе овозможат мапирање на состојбата на сите единици на локална самоуправа. Овој процес би требало да укаже на нивото на дигитализираните услуги на локално ниво и да овозможи и континуирано следење на трендовите за развој на зелената дигитализација со што правилно би се насочиле сите достапни развојни фондови. Затоа, во рамки на нашата проектна задача развивме и предложивме клучни показатели за перформанси (KPI) чија цел е континуирано мерење на нивото на зелената дигитализација на одредена општина/регион, за одредена услуга или дел од неа, вели Љубомир Димовски.

Индикаторите се поделени во шест категории (инфраструктура, човечки ресурси, е-услуги, учество на граѓански сектор, енергетска ефикасност и отпад и рециклирање). Секоја категорија се состои од специфични и релевантни критериуми од областа на категоријата. За оваа цел во рамки на Проектот беа разгледани искуства и од регионот и од Европската Унија. 

Една позитивна приказна каде успешно е почнат и спроведен процес на дигитализација е во делот на издавање урбанистичка документација. -Ова е успешно решение, утврдено во законска рамка, но и прифатено од страна на сите во државата (компании, локална самоуправа, граѓани) кои се задоволни од понуденото решение. Искуствата со овој процес укажуваат на потребата од дефинирање јасни цели, обезбедување соодветни ресурси, вклучување релевантни организации и обезбедување соодветна законска рамка која утврдува задолжително дигитално спроведување на постапките, укажува Димовски.лв/

Остани поврзан