• недела, 24 ноември 2024

Димовски за МИА: Недела неработен ден е реалност, верувам дека ова законско решение ќе остане

Димовски за МИА: Недела неработен ден е реалност, верувам дека ова законско решение ќе остане
Скопје, 23 јануари 2022 (МИА) - Недела неработен ден е реалност и работниците веќе ги уживаат бенефитите од ова законско решение. Иницијативата на Стопанската комора беше еден вид изненадување за нас, но лично сметам дека недела како законско решение ќе остане неработен ден за 92 проценти од работниците, вели во интервју за МИА претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Дарко Димовски. Задоволен е од спроведувањето на ова законско решение, а за сите забележани неправилности вели дека поднеле пријави до Инспекторатот за труд и до Пазарниот инспекторат за што веќе се изречени и првите санкции. Неправилности се констатирани во маркети и пекари, а според синдикатот, спорни се и спортските обложувалници, казината и угостителските објекти од типот на кафичи каде не се служи  храна. - Секаде каде имаме поплаки, пријавивме до Државниот инспекторат за труд и до Пазарниот инспекторат и како што гледате веќе има резултати. Четворица работодавачи кои го прекршиле законот, веќе се парично казнети и затворени 15 дена. Дополнително, онаму каде што сметавме, како што се спортските обложувачници и коцкарници кои не се предвидени во дејностите кои можат да работат во недела, пративме претставки до Министерството за труд и социјална политика и до Министерството за финансии бидејќи очигледно на тие дејности, некој со мислење, а не со законот, им дал да работат. Тоа за нас е неприфатливо бидејќи мислењето не може да го дерогира законот, а законот е јасен дека сите оние дејности кои не се пропишани за работа во недела, не можат да работат. А тоа ни се случува со спортските обложувачници и коцкарниците, посочува Димовски. Како следен чекор, Димовски најавува дека во текот на февруари синдикатот ќе почне кампања со која секој месец ќе бидат опфатени по две дејности во кои ќе се анализира дали навистина се почитува исплатата на дневница за работа во недела. Во интервјуто кое подолу е објавено во целост, Димовски зборува и за општиот колективен договор за јавниот сектор кој како предлог текст уште лани е доставен до надлежните институции, а со кој се предвидува исплата на регрес за годишен одмор за јавниот сектор во висина од 30 до 100 проценти во зависност од можностите на претпријатието или институцијата. Интервјуто го пренесуваме во целост: Г. Димовски, Стопанската комора на Северна Македонија поднесе иницијатива пред Уставниот суд за недела неработен ден. Како синдикат најавивте протести доколку се прифати ваквата иницијатива. Завчера на средбата на премиерот Димитар Ковачевски со претседателот на Стопанска комора Бранко Азески е дадено ветување дека на 18 февруари Комората ќе ја повлече иницијативата пред Уставниот суд и дека во периодот што претстои ќе се најдат сеопфатни решенија за предизвиците околу спроведувањето на законот? - Недела неработен ден е реалност и веќе ги уживаме тие бенефити и задоволни сме од сето тоа бидејќи навистина на македонскиот работник му требаше да се знае дека во недела треба да одмара и дека никој не може да го ангажира. А, сите оние кои ќе бидат ангажирани согласно пропишаните дејности во Законот за работни односи, ќе земат минимум зголемена дневница за 50 проценти. Ова што се случи за нас беше еден вид изненадување, но ние сигурно нема да останеме неми на ова што го презема Стопанската комора. Пред се ние веруваме во уставните судии бидејќи и тие се работници и ги уживаат бенефитите согласно со Законот за работни односи и колективните договори и лично јас сметам дека тие тоа нема да го дозволат и недела како неработен ден ќе остане за 92 проценти од работниците. Претходно најавив дека доколку тоа се случи, ние ќе се организираме и ќе протестираме пред Уставниот суд, а сигурно ќе поднесеме и жалба бидејќи и ние имаме аргументи. Има ли синдикатот досега констатирано случаи каде се прекршува ова законско решение? - Секаде каде имаме поплаки, пријавивме до Државниот инспекторат за труд и до Пазарниот инспекторат и како што гледате веќе има резултати. Четворица работодавачи кои го прекршиле законот, веќе се парично казнети и затворени 15 дена. Дополнително, онаму каде што сметавме, како што се спортските обложувачници и коцкарници кои не се предвидени во дејностите кои можат да работат во недела, пративме претставки до Министерството за труд и социјална политика и до Министерството за финансии бидејќи очигледно на тие дејности, некој со мислење, а не со законот, им дал да работат. Тоа за нас е неприфатливо бидејќи мислењето не може да го дерогира законот, а законот е јасен дека сите оние дејности кои не се пропишани за работа во недела, не можат да работат. А тоа ни се случува со спортските обложувачници и коцкарниците.   Освен нив, дали има и други дејности каде се забележани неправилности? - Да, пријавивме и маркети, пекари и одредени кафулиња бидејќи законот е јасен. Согласно законот за трговија може да работат само оние угостителски објекти каде има подготовка на храна. Моментално, тоа се поплаките и таму сме интервенирале како синдикат. Како следен чекор во февруари ќе земаме по две дејности секој месец и ќе направиме кампања за да  видиме дали навистина се исплаќа онаму каде се работи согласно законот за работни односи 50 проценти во дејностите кои се опфатени со Законот за работни односи, а 100 проценти согласно Законот за трговија. Подолг период барате зголемување на минималната плата. В понеделник имате закажано состанок во Владата. Дали очекувате да биде прифатено ова ваше барање и што доколку не биде прифатено? - Не очекуваме ние, очекува работникот да биде зголемена минималната плата бидејќи потрошувачката кошничка отиде 35.040 денари. Ако двајца работници од семејството се на минималец не можат да ја покриваат потрошувачката кошничка, им недостигаат 4.600 денари плус пари. Работникот тоа го очекува согласно ценовните шокови, енергетската криза, зголемувањето на топлинската енергија. Потребата е реална и егзистенција за нас работниците. Ние немаме друга надеж освен да ни се зголемат платите и да преживееме во тековниот месец. Аргументите се на наша страна и не гледам причина тоа да не биде прифатен. Доколку тоа не се прифати, како ССМ, кој брои 15 гранкови синдикати, ќе соопштиме она што е разговарано и доколку не бидат прифатени барањата, ќе излеземе на улица. Тоа е наше легитимно право и ќе ги блокираме и Собранието и Владата се додека не се донесе минималната плата да биде 60 проценти од просечната или како што велиме ние 18.000 денари и скалество зголемување на сите останати плати. Министерот за економија изјави дека минималната плата ќе биде зголемена, но дека зголемувањето ќе биде во вториот квартал на годината. Ваш став? - Законот е јасен. Секој март се усогласува минималната плата по три критериуми - пораст на просечната плата, пораст на трошоците на живот и пораст на БДП. Тоа што го кажал министерот за економија, за нас е неприфатливо и нема никаква смисла бидејќи во март и да не сакаме, мора да се усогласи минималната плата, а согласно ковид пандемијата и економската криза сметаме дека 18.000 денари е прифатливо решение за работниците кои земаат минимална плата, а ги има над 110 илјади за да може да го преживеат тековниот месец. Како да се постигне скалестото покачување на платите? - Не се почитуваат законите и колективните договори, а зошто е тоа така, ќе ги прашате работодавачите и Владата. Во член 8 од Законот за минимална плата се вели дека согласно растот на минималната плата се усогласуваат и останатите плати, а плус имаме и колективни договори на ниво на сектори и гранки каде се вметнати коефициентите согласно сложеноста на работа и степенот на образование на работникот. Работодавачите треба да кажат зошто не го даваат тој дел, а се обврзани согласно колективните договори да го прават тоа, а и Владата преку инспекциите зошто не им наложува да го сторат тоа бидејќи вака се губат добар дел од даноците што може да се земат по основ на придонеси од платите. Со тоа губат сите – и работниците и државатa. Продуктивен работник е задоволен работник од својата плата и од условите на работното место. На средбата во Владата најавувате дека ќе се разговара и за регресот за годишен одмор за јавниот сектор. Што конкретно барате? - Како ССМ сметаме дека не треба да се прави дискриминација меѓу работниците. Во приватниот сектор задолжителен е регресот за годишен одмор. Исто така и Синдикатот на УПОЗ се избори за работниците кои ги преставува да земаат регрес. Сметаме дека сите работници од јавниот сектор треба да земаат регрес за годишен одмор. Затоа поднесовме нов Општ колективен договор за јавен сектор каде го уредуваме тоа право и во него велиме - регрес за годишен одмор или К-15 за сите работници во јавниот сектор од 30 до 100 проценти во зависност од можностите на институцијата или претпријатието кое е во државна сопственост. Само на ваков начин го решаваме ова прашање и нема да има дискриминација и поделба меѓу работниците. Ова право кое го имавме, а некој дали под притисок или не, ни го скрати во 2008 година, треба да се врати, бидејќи треба да одиме чекор напред и да се грижиме за работниците. Пред Уставот, сите работници се еднакви. Предлог колективниот договор е доставен уште во април лани до Министерството за труд и социјална политика и до Владата, а поради политичката криза се одоговлечи. Сега, средбата што беше закажана за 20 јануари, по барање на новиот министер за труд и социјална политика и за информатичко општество побараа овие четири дена да направат една флуктоација и да видат уште колку работници би опфатило ова законско решение. Според нашите математики, знаејќи дека во администрацијата работат околу 130 илјади, а се опфатени над 40 илјади работници со колективниот договор на УПОЗ, остануваат уште 90 илјади, но Владата на 24 јануари ќе каже точно уште за колку работници се работи и колку пари би биле потребни, ако го земеме минималниот износ од 30 проценти од просечната плата. Билјана Анастасова-Костиќ фото: Фросина Насковиќ

Остани поврзан