• недела, 22 декември 2024

Димовски за случајот „Онишченко“: Лоциран е прстенот и поединецот што го ставил потписот и ќе се преземе одговорност

Димовски за случајот „Онишченко“: Лоциран е прстенот и поединецот што го ставил потписот и ќе се преземе одговорност
Скопје, 18 ноември 2022 (МИА) – Интерната постапка за евентуален пропуст за случајот „Онишченко“  констатира дека не е испочитувано последното ниво од безбедносната проверка и не била направена консултација со НАТО партнерите пред да се даде позитивно мислење. Лоциран е прстенот и поединецот што го ставил потписот и ќе се преземе одговорноста, информира денеска директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски. Димовски, посочи дека чекањето за реферирање за случајот, било поради тоа што требало да се почитуваат и следат институционалните норми и да се истражи ако затаил, каде и зошто затаил системот за национална безбедност. Безбедносната проверка пред издавање позитивно мислење за издавање на пасош на некое лице, Димовски појасни дека се прави на неколку нивоа и дека се потребни потписи од десет припадници на Агенцијата за национална безбедност. – Констатиравме дека последното ниво кое требало да направи консултација со НАТО партнерите, дало позитивно мислење, но тоа не го направило. Лоциран е прстенот и поединецот што го ставил потписот и ќе се преземе одговорноста, изјави Димовски, по седницата на собраниската Комисија за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и на Агенцијата за разузнавање (АР). Тој нагласи дека истрагата ќе продолжи, со цел да се утврди дали станува збор за изолиран случај или не. – Испитуваме дали станува збор за изолиран случај или не. Дали се работи за пропуст или некој намерен или лукративен интерес. Не сакаме заради ваков случај, она што е сторено со макотрпна работа во изминатиот период да пропадне. Во зависност од тоа ќе се утврди дали ќе заврши со дисциплинска или кривична одговорност, изјави Димовски. Димовски не го откри името на лицето, но посочи дека во сите четири сектори работат лица со безбедносни сертификати. Прашан дали чувствува лична одговорност како директор на АНБ, Димовски рече тој не оди никаде и останува тука. – Ако се процени дека има пропуст и директна одговорност од моја страна, јас кажав нема да патувам ниту во Будимпешта, ниту во Охрид да менувам место на живеење. Јас ќе бидам тука, изјави Димовски. Димовски посочи дека ќе инсистира на собраниската Комисија да се разговара и за тоа дека случајот Онишченко, се појави во исто време и со обвинувањата дека Агенцијата ги користи средствата за следење на политичката опозиција. – Се сакаше да се покаже дека Агенцијата влегла во чевлите на поранешниот субјект УБК и дека го прави истото, кога за жал, прислушуваа во подолг временски период повеќе од 20 илјади граѓани на нашата земја, изјави Димовски кој нагласи дека негов интерес е докрај да се расчисти случајот и ќе инсистира тоа да се направи. Тој посочи дека е интересно зошто денес претставниците на опозицијата не го поставија тоа прашање и дали тоа може да се доведе во корелација со предизвикувањето инцидент да се прекине седницата за, како што вели, да добијат уште неколку дена за евентуално да се види што е тоа што сакал да го каже.  -Јас ќе го кажам сега. Немам намера да чекам затоа што тоа не е точка на Комисијата и излезе во медиумите дека Агенцијата, подолго време излегуваше и се креираше атмосфера дека некој следи политички партии, активности, слика, снима, прислушкува  итн. Јас со нетрпение очекував да излезат со некој комплетен аргумент. Зошто? Затоа што знам дека тоа не се прави. Нема дадено наредба во овие три и пол години предмет на интерес на Агенцијата не е ниту една партија која е дел од политичката опозиција, па ниту поединец, рече Димовски.   Тој образложи дека било објавено во медиумите дека тројца оперативци на АНБ престојувале во Прилеп во исто време кога таму престојувал лидерот на политичката опозиција. Со објавена фотографија на возилото со делумно прецртан регистарски број и иницијали и малку повеќе од иницијалите на тројцата оперативци, што, како што нагласи, претставува оддавање класифицирана информација. -Тоа е направено од припадник на таа политичка партија, кој долги години бил во безбедносните структури и кој сега е заменик-претседател на оваа комисија. За тоа сме во консултации, во договор, во разговор на надлежните органи закривично гонење и се надевам дека тие ќе завршат и ќе се одлучи за натамошната судбина на овој случај на оддавање на класифициран информации, рече Димовски.   За конкретниот случај од Агенцијата биле преземени одредени мерки и констатирано е дека станува збор за поранешен припадник на поранешната УБК а сега припадник на МВР, кој го искористил моментот, го фотографирал возилото и најверојатно тоа ќе се потврди, го проследил на некои други нивоа кои тоа го искористиле да го објават. Додаде дека е иницирана соодветна постапка, и дека надлежните органи за кривично гонење - МВР и ЈО, веќе тече постапка и дека многу скоро ќе излезат со информација каков е случајот, какви докази се обезбедени и зошто наведената структура го правела тоа.   Според него, индикативно е што во медиуми почнало да се актуелизира прашањето за тоа кој треба да сноси одговорност во врска со овој случај и дали е тоа директорот на АНБ, како и дали тоа може да се рефлектира евентуално на неговата идна политичка, дипломатска кариера. Прашањето вели е легитимно, но Димовски го проблематизира човекот кој го актуелизирал ова, за кој вели „излезе дека се работи за поранешен министер во едно од поранешните влади, за сегашен актуелен член на оваа куќа и за човек кој води една од најважните комисии, а откако ја провериле проверката виделе дека има одредени многу важни податоци изоставени, за одредени санкционирања  во една земја членка на ЕУ во поглед на многу интересни кривични прекршоци“.   -Понатаму што ќе се одлучува во однос на тој предмет и на останатите предмети каде што се направени одредени пропусти дополнителен ќе ве информираме. Како и да е зборувам за тоа ако сте спремни да вперите прст во некого дали има морален интегритет  кредибилитет итн. Да обвинувате дека  употребил службена положба затоа што потпишал предмет потпишан од 10 припадници на Агенцијата од кој еден не си ја завршил работата, а во исто време против вас се води судски процес за измама и злоупотреба на службена положба пред надлежните судови, треба да имате малку образ тоа да го направите, рече Димовски.   Прашан во врска со инцидентот денеска за време на седницата на собраниската Комисија за надзор на работата на АНБ и на АР која иако беше затворена за јавност, неговиот отчет за случајот „Онишченко“ одел тонски во живо на Јутјуб каналот на Собранието, Димовски рече дека е тоа во надлежност на безбедносните служби во Парламентот. -Ние се наоѓаме во  Парламентарниот дом како и вие, јас сум гостин овде. Јас ја почитувам независноста на Паралментарниот дом. Значи одговорноста за безбедносната во Парламентарниот дом си ја носат структурите, раководителите тука и веќе се преземени мерки да се види што се случило, како, и зошто тоа се случило и евентуално да се утврди одредена одговорност. Ќе оставиме Собранието да си ја заврши работата, изјави Димовски. На барање на претседателот на Собранието Талат Џафери претседателот на Комисијата за надзор над работата на АНБ и на АР, Љупчо Пренџов ја прекина комисиската работа „се додека не се истражи што се случувало на денешната седница на ова собраниско тело“. вг/нд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан