• среда, 18 декември 2024

Димитров: Немојте да патувате

Димитров: Немојте да патувате
Скопје, 16 март 2020 (МИА) – Министерот за надворешни работи Никола Димитров вечерва апелираше граѓаните да се воздржат од патување во странство. - Ве молам немојте да патувате. Македонски граѓанин што утре ќе реши да оди некаде сосема е неизвесно кога ќе може да се врати. Крајно е непредвидлива ситуацијата, од час во час се менува. Државите носат свои одлуки, затвораат граници за странски државјани, затвораат аеродроми. Авиокомпаниите откажуваат летови, истакна Димитров на прес-конференција во Владата. Упати порака и до оние наши државјани кои имаат регулуран статус да останат во државите каде што престојуваат. - Можеби не доаѓа многу логично министер за надворешни да апелира да не се патува, меѓутоа такви се состојбите. Во овој кризен период да не се упатуваат кон татковината. Значи, тие што имаат регулиран престој во трета држава да ги следат мерките и упатствата на тамошните влади, нагласи Димитров. Приоритет на МНР во моментов се граѓаните кои се заглавени на граничните премини и на аеродроми во трети држави. Групата од 200 македонски државјани кои беа запрени на српско- унгарската граница се пренасочени преку Романија и Бугарија и во утринските часови треба да пристигнат на Деве Баир. - Ќе правиме се што можеме да организираме сите да се вратат дома, меѓутоа, морам да кажам дека ние немаме контрола врз граници на трети држави.Има можност за организирање на хуманитарен конвој којшто не е едноставно да се организира бидејќи треба податоци, број на патни исправи, регистарски таблички на возила, итн., меѓутоа дури и за такво барање што ние го правиме и доставуваме нота преку ДКП нема гаранција дека тоа ќе се дозволи, кажа Димитров. Посочи и дека има најави од ЕУ за можни рестрикции во движењето на луѓето поради ширењето на коронавирусот. - Има најави дека ЕУ ќе ги затвори своите граници, зборувам за шенген зоната за сите несуштински патувања. Тоа е најава, ќе видиме дали ќе ја донесат таа одлука, меѓутоа ова само како илустрација колку е се неизвесно. Време е сега да си седиме дома, да бидеме храбри, да бидеме смирени, порача шефот на дипломатијата.са/

Остани поврзан