• сабота, 09 ноември 2024

Димитров: Смртта на овчарот од кратовско не смее да помине без конкретна одговорност

Димитров: Смртта на овчарот од кратовско не смее да помине без конкретна одговорност
Скопје, 6 април 2021 (МИА) - Смртта на Златко Божинов, овчарот од кратовско не смее да помине без конкретна одговорност, но, не смее да помине и без сериозни системски промени за никогаш да не се повтори ваква трагедија, сподели Никола Димитров, Заменик претседател на Владата задолжен за европски прашања, на својот фејсбук профил. - Го објавувам името оти мислам дека овој човек и неговото име треба да одекне како силен вресок за промени, стои во објавата. Димитров во објавата споделува дека во изминатите денови добил многу пораки од познати и непознати граѓани, некои, како што пишува, изненадени што носител на должност зборува, односно признава, за нефункционалност на институции, некои со поддршка и поттик за да се истуркаат промени, некои со скептицизам дека ништо нема да се стори. Дополнува дека денеска веќе гледа дека мотото „да нема ненадлежни“ го преземаат и други и смета дека тоа е добро. 
- Вчера и денеска имав телефонски разговори и средби и со познавачи на состојбите на терен и со повиканите институции и она што го разбрав е дека недостасува интегриран систем за одговор на барања за помош во итни ситуации. Тој празен простор е совршено алиби за префрлање на топката меѓу институциите и за непреземање, ниту на акции, ниту на одговорност, стои во објавата. Димитров апелира дека се потребни итни чекори - да се создаде еден центар што ќе раководи со делегирање на надлежност при вакви ситуации. - Наместо пет различни броеви граѓаните во мака ќе вртат еден, па таму ќе се одговорни да најдат кој е одговорен. А повиците да се снимаат, пишува Димитров. Оваа работа мора да се истурка до крај вели тој и најавува дека лично ќе врши притисок сè додека не се заврши работата. - Ќе си речете ова не е моја работа, но, пораката што ја пратив дека не смее да има ненадлежни сакам да ја покажам токму преку овој пример. Да, јас во оваа област немам директни ингеренции, но тоа не ме лишува од одговорноста што ја чувствувам за да направиме промена што ќе спречи нова ваква катастрофа, споделува тој. Димитров во објавата кој вечерва ја сподели на својот фејсбук профил изрази длабоко сочувство до семејството на 63-годишниот жител на кратовското село Емирица, кој изутринава го загуби својот живот во болницата во Штип. Овчарот кој беше пронајден во тешка здравствена состојба, откако 12 часа лежел на снег во близина на домот, пет часа бил носен на раце низ тешко прооден планински терен за да се спаси неговиот живот. ар/вј/
 

Остани поврзан