• четврток, 26 декември 2024

Димитров: Приватниот сектор трети месеци ја чека мерката за субвенционирање на плати

Димитров: Приватниот сектор трети месеци ја чека мерката за субвенционирање на плати

Штип, 25 февруари 2024 (МИА) - Производството во текстилниот сектор е во слободен пад, оценува Ангел Димитров од Организација на работодавачи. Посочува дека приватниот сектор веќе трети месец ја чекаат мерката за субвенционирање на платите, која беше најавена на крајот на ноември минатата година. Вели дека законското решение е поминато во прво читање во Парламентот.

Димитров за МИА вели дека работодавците не знаат и немаат информации, зошто оваа мерка е заглавена во Собранието, која реално ќе помогне на бизнис секторот, но и на работниците, на кои работодавците ќе можат да им ги зголемат платите. Тој додава дека во овој сектор сериозна е состојбата со помалите компании, бидејќи дел од европските партнери веќе си заминале и своите налози ги пренасочиле во Бангладеш или Виетнам.

-Голем број компании си заминаа од кај нас. Помалите компании одвај живуркаат. Имаат проблеми, посебно оние во Македонска Каменица, Штип. Не знаат како ќе продолжат. Се надеват дека ќе најдат нови купци, но тоа е многу тешко. Странците се свесни дека ние немаме млада работна сила и затоа на долг рок, губат интерес за работа во Македонија, изјави Димитров.

Во невладината „Гласен Текстилец“ дваесеттина текстилни работнички се пожалиле дека работодавците нема да им ги продолжат договорите на определено работно време, поради намалување на обемот на производство. Кристина Ампева вели имаат забележано дека некои работници потпишале и документи за трансформација од неопределено во определено работно време. Таа упати апел до работниците да внимаваат што потпишуваат.

-Се надевам дека работниците ќе бидат внимателни при какви било трансформации. Бидејќи ако има намален обем на работа повторно морам да потенцирам дека во Законот за работни односи децидно стои дека доколку фирмата, работодавачот се соочува со сериозни потешкотии во работењето и треба да го намали бројот на вработени, тоа се прави со соодветна консултација со преставници од синдикатите, но и дека треба да им исплати испратнини согласно стажот на работниците во тие фирми, вели Ампева.

Во текстилниот сектор за оваа година се очекува пад на производството од три до пет проценти. вдј/вг/

Фото: МИА

Остани поврзан