• петок, 27 декември 2024

Димитров на средби со Пленковиќ и Радман: Што побрзо да се одржи Меѓувладината конференција со Северна Македонија

Димитров на средби со Пленковиќ и Радман: Што побрзо да се одржи Меѓувладината конференција со Северна Македонија
Скопје, 1 април 2021 (МИА) - По посетите на Германија и Словенија, вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, денеска во Хрватска оствари средба со премиерот Андреј Пленковиќ и со министерот за надворешни работи Гордан Грлиќ-Радман, на која се разговараше за очекувањата и изгледите за придвижување на пристапниот процес за Северна Македонија, како и за домашните реформи и билатералната соработка. -Токму овде во Загреб, пред две декади ја парафиравме Спогодбата за стабилизација и асоцијација со која започна нашиот евроинтегративен пат. Пријателска Хрватска била и останува еден од нашите најголеми поддржувачи во процесот на пристапување, а нивните заложби и посветеност се потврдија и за време на претседателството со Унијата кога, во март 2020 година го добивме зеленото светло за почеток на преговорите, рече Димитров. Димитров посочи дека со премиерот Пленковиќ заеднички констатирале дека е потребно што е можно побрзо да се постигне консензус за Преговарачката рамка и да се одржи првата Меѓувладина конференција со Северна Македонија. -Крајно време е оваа одлука да стане реалност, порача вицепремиерот Димитров. Соговорниците, како што соопшти СЕП, се осврнаа и на тековната билатерална соработка која вклучува и конкретна поддршка за јакнење на националните административни капацитети за усогласување на законодавството со правото на ЕУ како и споделување на хрватските искуства за унапредување на координативните механизми и преговарачката структура. нд/скс/

Остани поврзан