• сабота, 23 ноември 2024

Димитров: Македонија станува скапа за производство на текстил

Димитров: Македонија станува скапа за производство на текстил

Штип, 11 април 2024 (МИА) - Ако до пред извесен период конфекциите бараа работник плус, денеска се соочуваат со недостиг на работа. Државата станува прескапа за европската мода. Ангел Димитров од Организација на работодавачи денеска изјави дека ситуацијата се менува од ден на ден. Странските партнери се насочени кон далечниот Исток, и нашата држава се соочува со проблем да остане без доволно работа.

 -Ситуацијата се менува од ден во ден. Додека до пред месец дена баравме повеќе работници и повисоки цени за да можеме да ја качиме платата, сега странците видоа дека Македонија станува скапа за производство на текстил и отидоа во далечниот Исток и сега се судираме со проблемот недостиг на работа, вели Димитров. 

Според него, ова е и причина за повеќе од  20 отсто кај некои компании да се намали производството на машка и женска конфекција. Забележува дека загрижува состојбата во помалите конфекции.

 -Од компаниите коишто изработуваат работна облека имат помал пад, додека оние кои работат модно, имаат многу поголем пад, без разлика дали се работи за машка или женска конфекција. Кај некој од нив тој пад е поголем и од 20 отсто и дел од нив се мислат до кога да останат и да ги затворат своите конфекции изјави Димитров.

Во оваа индустриска гранка годинава се очекува дополнителен пад на бројот на работници, но и на производството од три до пет проценти. вдј/дма/

Фото: МИА 

Остани поврзан