• сабота, 21 декември 2024

Димитровска: Само 300 од вкупно 1 500 институции доставија податоци за службените возила кои ги користат

Димитровска: Само 300 од вкупно 1 500 институции доставија податоци за службените возила кои ги користат

Скопје, 18 март 2024 (МИА) Само 25 проценти или 300 институции од вкупно 1 500 ја исполниле законската обврска и доставиле податоци за службените возила кои ги користат до Државната комисија за спречување на корупцијата, вели новата претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Татјана Димитровска.

Димитровска, во интервју за МРТВ, посочува дека има слабост на Изборниот законик кој предвидува прекршочна постапка, но не предвидува санкција.  

Согласно надлежностите уредени во Изборниот законик, Димитровска појасни дека ДКСК е надлежна да води регистар на службени возила, кои содржи податоци за институцијата која ги користи, бројот и таблицата на возилото.

- Новиот состав на ДКСК воспостави соработка со МВР и побара за 1 500 државни институции да достават податоци за службените возила кои ги користат. Бројката која што ја обезбедивме се однесува на 1 500 државни институции, кои располагаат со скоро 12 илјади службени возила. Заклучно со 24 февруари сите институции имаа обврска да ги достават овие податоци, согласно кои ДКСК има право во рок од 15 дена да покрене прекршочна постапка пред надлежен орган за оние институции кои што немаат доставено податоци, изјави Димитровска во интервју за МРТВ.

Димитровска нагласи дека ќе покренат постапка за утврдување на одговорност за ова и ќе побараат одговорност од органите кои вршат избор и именување на овие лица.

Откако се распишани изборите, Димитровска, посочи дека се оформени вкупно 13 предмети поврзани со изборните процеси.

Димитровска, исто така, нагласи дека денеска на колегиуми, оформиле и два предмети кои се однесуваат на постапката за јавната набавка на медицинските возила преку Министерство за здравство и за јавната набавка на хеликоптери преку Министерството за одбрана и по обезбедувањето на фактичката состојба и докази соодветно ќе донесат одлука. аа/мд/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан