• понеделник, 23 декември 2024

Димитриеска-Кочоска: Средствата од унгарскиот заем треба да легнат на сметката во Народната банка, започната постапката за втората транша

Димитриеска-Кочоска: Средствата од унгарскиот заем треба да легнат на сметката во Народната банка, започната постапката за втората транша

Скопје, 17 октомври 2024 (МИА) - Процедурата за префрлање на средствата од унгарскиот заем е веќе завршена и денеска се очекува да легнат на сметката на Народната банка, а веќе утре да се трансферират во Буџетот, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

 - Секторот од МФ ме информираше дека сѐ е подготвено и очекувам средствата да бидат префрлени на сметката во Народната банка, а потоа ќе бидат насочени кон општините и компаниите. Проектите на општините кои ќе бидат финансирани од средствата се веќе избрани. Износот што го побараа општините за реализација на нивните проекти беше поголем, при што важно беше тие да бидат во завршна фаза за да може да придонесат и кон економскиот развој, рече Димитриеска-Кочоска за телевизија Алфа.

Најави дека веќе е започната и процедурата за повлекување на втората транша од заемот која ќе се искористи за отплата на еврообврзницата што доспева во јануари 2025 година.

Во однос на оној дел од заемот што е планиран за бизнис секторот рече дека во петок ќе има средба со Македонската банкарска асоцијација на која ќе се разговара за распределба на средствата кон компаниите, кои ќе бидат распределени по завршување на постапката за нивно префрлање во Развојната банка.

Во интервјуто, таа се осврна и на Предлог-буџетот за 2025 година, истакнувајќи дека фокусот ќе биде ставен на фискалната консолидација, поточно зголемување на приходите и намалување на расходите. Следната година, како што посочи, буџетскиот дефицит е планиран на 4 проценти, за потоа да се намали на 3,5 проценти и во 2027 година да достигне 3 проценти.

Посочи дека во Буџетот за 2025 година предвидени се средства за зголемување на пензиите за 2.500 денари, средства за образовниот сектор, 250 милиони евра за проекти во општините, средства за инфраструктурни проекти, како и за Коридорите 8 и 10д. бак/са/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан