• среда, 25 декември 2024

Димитриеска-Кочоска: Сите земји од Западниот Балкан треба заедно да влезат во ЕУ 

Димитриеска-Кочоска: Сите земји од Западниот Балкан треба заедно да влезат во ЕУ 

Брисел, 7 ноември 2024 (МИА) - Сметам дека сите земји од Западниот Балкан треба заедно да влезат во Европската Унија, а не некоја да оди понапред од друга, изјави за МИА министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, која денеска во рамки на својата работна посета на Брисел говореше на панелот „Проширување на Европа: По која цена и со каква структура?“ во рамки на Конференцијата „Гласови, избори и лидерство: Пресвртна точка за Европа?“ во организација на тинк-тенкот „Пријатели на Европа“. 

Таа посочи дека на панелот  биле изнесени различни размислување од страна на говорниците, при што некои се залагале за постепено проширување на ЕУ, а дури пак се изјасниле дека е важно приемот на нови членки да се врши врз системот на заслуги. 

- Некогаш ние бевме лидери во регионот во однос на исполнување на обврските, а денес имаме еден проблем, проблемот со Бугарија и како резултат на тој проблем, го поставив прашањето како ќе го калкулираме или како ќе мериме согласно системот на заслуги. Затоа тоа е нешто што треба да стои на страна и понатаму да се разговара, но приемот треба да биде заеднички на сите земји од Западниот Балкан, особено што, пак ќе кажам, станува збор за прашање коешто не можеме да го измериме и да кажеме дали Македонија направила се што треба или не направила, додаде Димитриеска-Кочоска. 

Министерката посочи и дека ние како земја што чека да почне преговори со ЕУ, ги исполнуваме обврските коишто ни се дадени и тоа со една забрзана динамика особено во делот на Планот за раст на Западниот Балкан.  

- Во тој дел, како Влада, имаме постојано состаноци, координации заедно со министерот за евроинтеграции, во насока на тоа што побрзо да ги исполниме сите обврски и да започнеме со преговорите што побрзо, изјави Димитриеска-Кочоска. 

Во однос на Планот за раст на регионот, таа нагласи дека Министерството за финансии ја подготвило комплетната потребна документација и нашиот договор за Инструментот за раст и реформи е испратен до Европската комисија, по што сега се чека одговор дали е прифатлив во таква форма. 

Димитриеска-Кочоска посочи дека во Рамки на планот на раст земјава треба да добие над 50 милиони евра во форма на предфинансирање, но дека исплатата е одолговлечена затоа што Србија поставила дополнителни прашања во однос на нејзиниот договор. 

- Сите договори треба наеднаш да отидат, а Србија има одредени прашања. Најверојатно поради тоа има мало доцнење, додаде министерката за финансии. 

Во однос на оценката во најновиот Извештај на ЕК за напредокот на земјава на европскиот пат дека таа е умерено подготвена во делот на финансиските услуги, како и за препораките да ја усогласи својата банкарска регулатива со европската и да се забрза имплементацијата на законодавството за регулирање на пазарите на капитал, Димитриеска-Кочоска, дека тоа се услови кои треба да се спроведат во наредниот период.  

- Како Влада имаме разговарано и дискутирано. Но, за да можеме како Министерството за финансии да ги направиме промените, претходно промени треба да претрпат други закони, бидејќи од таму влечеме одредени терминологии. Како резултат на тоа чекаме прво да се направат тие промени, рече Димитриеска-Кочоска. 

Како пример, таа го посочи Законот за банки каде треба да направат промени во делот на дефинирање на холдинзите за да го усогласиме со законодавството на ЕУ, а ние во нашата терминологија во Законот за трговски друштва во овој момент немаме терминологија за холдинг.  

- Така што, прво треба тој да се измени, па потоа во Министерството за финансии да ги направиме измените. Ние секако работиме и во оној дел за тоа што треба да се измени, и сме подготвени до таму до каде што се нашите ингеренции, потенцира таа. 

Во однос на забелешката на ЕК дека „капацитетот на Министерството за финансии во регулирањето и надгледувањето на финансиските друштва не е доволен за заштита на потрошувачите, Димитриеска-Кочоска истакна дека во изминатиот период значи направена е промена на Законот за финансиските друштва и како резултат на тоа се предвидува Министерството да биде регулатор и да прави и ревизии на финансиските друштва.  

- Нивната реакција е токму во тој дел, со што комплетно се согласувам, затоа што има многу малку луѓе во институцијата и ние веќе работиме на тоа. Но, за четири месеци не може се да подготвите, бидејќи подготвуваме ребаланс на Буџетот, Буџет за 2025 и други усогласувања со реформската агенда, додаде министерката за финансии. 

Во врска со препораките од Извештајот во делот на финансиските и буџетските одредби, за поефикасна примена на мерките за намалување на даночната евазија, измамите и неформалната економија, како и за подобрување на внатрешната контрола во јавниот сектор, Димитриеска-Кочоска нагласи дека во изминатиов период Владата и на дело покажала дека сериозно работи во спроведување на овие барања.  

- Жално е што ги бара ЕУ, секоја одговорна Влада требала да ги преземе сите овие обврски и да си ги заврши работите, а не да чека некој друг да ја потсети за нешто што значи домашно регулирање или испорачување на обврските. Како Министерство за финансии заедно со УЈП, сериозно работиме на воведување на е-фактурата која што би требало да значи сериозна борба со сивата економија. Во исто време Царинската управа, исто така, сериозно работи во делот на контрола на влезот на стоки во државата. Така што, можам да кажам дека во тој дел имаме сериозно подобрување на сите перформанси или насоченост во подготовка на одредена дигитализација на софтвери и системи со цел да ја намалиме даночната евазија, рече Димитриеска-Кочоска. 

Според неа, во многу краток период Министерството за финансии направило многу работи, посочувајќи, како пример, дека УЈП привршува и одредени предмети за злоупотреба на средства од државата во однос на повратот на ДДВ. 

- И тука очекувам дека во скоро време ќе излезат и записниците како резултат на што ќе постапуваат надлежните институции. Со тоа покажуваме дека ги контролираме многу внимателно сите исплати од Буџетот кога станува збор за повратот на ДДВ, нагласи министерката  

Во однос, пак, на трошењето на буџетските пари, Димитриеска-Кочоска потсетува дека секој може да го погледне буџетот и неговото извршување.  

- За месец октомври се уште не се излезени податоците, но можам да кажам дека во октомври имаме буџетски суфицит, изјави Димитриеска-Кочоска, додавајќи дека можам да се каже оти навистина е воспоставена контрола во делот на буџетските трошења. сп/нд/ 

Фото: МИА 

 

Остани поврзан