• среда, 18 декември 2024

Димитриеска-Кочоска: Повисоки стапки на раст од проектираните, понизок јавен долг и висока реализација на капитални инвестиции

Димитриеска-Кочоска: Повисоки стапки на раст од проектираните, понизок јавен долг и висока реализација на капитални инвестиции

Скопје, 11 декември 2024 (МИА) - Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска очекува дека 2024 година ќе заврши со многу повисока стапка на раст од  проектираната, јавниот долг да биде понизок, реализацијата на капиталните инвестиции во следната година да биде висока, а да се реализираат и планираните приходи во буџетот. Ова таа го истакна во Отворено студио на МРТВ на тема „Буџет 2025“ заедно со премиерот Христијан Мицкоски и бизнис заедницата.

- Ќе бидеме со многу повисока стапка на економски раст и ќе имаме и понизок јавен долг, кој на крајот на оваа година ќе биде под 62,7 процети, а на крајот на следната година 62,1 процент. Имајќи ги предвид корекциите во нагорна линија на БДП за 2024 и 2025 година тоа значи дека јавниот долг ќе биде понизок и од 62,1 процент. Со тоа покажавме дека работиме и дека кога сме посветени се консолидираме многу побрзо, рече министерката.

Како што соопшти Министерството за финансии, таа истакна дека следната година ќе има висока реализација на капиталните инветстиции, поткрепувајќи го со активностите што се реализираат на терен, како и активности кај проекти коишто претходно имале слаба реализација.

Потенцира дека освен усогласувањето на законите со европската директива за глобалниот минимален дано, во наредната година ќе нема промена на даночни стапки и тоа не е предвидено ниту во Буџетот за 2025, ниту во Фискалната стратегија.

- Фокусот ќе ни биде на сивата економија и оттаму нема страв од аспект на наплата на приходите. Просторот во сивата економија е огромен којшто според некои неофицијални податоци е околу 40 проценти, а имаме можности во законите да ги наплатиме. Пред неколку дена е објавен тендерот за е-фактура од што се очекува посериозна наплата на ДДВ и поголема координација и комуникација помеѓу институциите – УЈП, Царинска управа, Финансиска полиција токму во насока да ги детектираме слабостите на системот и да ги елиминираме сите оние дејствувања на компаниите во сивата зона, рече министерката за финансии.

Таа додаде дека досега немало усогласување на податоците помеѓу Царинската управа и Управата за јавни приходи и се правела штета врз Буџетот преку поврат на ДДВ заради што е направена контрола и врз основа на тоа е спречена злоупотреба на најмалку 2 милијарди денари од буџетски средства.

Министерката истакна дека се детектирани работите, се анализираат детално и оти треба време за да се решат проблемите коишто не биле решени со години.лв/са/

фото: Министерство за финансии 

Остани поврзан