• среда, 27 ноември 2024

Димитриеска-Кочоска: Парите од унгарскиот кредит следната недела ќе легнат на девизната сметка на Министерството за финансии

Димитриеска-Кочоска: Парите од унгарскиот кредит следната недела ќе легнат на девизната сметка на Министерството за финансии

Скопје, 8 октомври 2024 (МИА) - Парите од договорот за заем од 500 милиони евра со унгарската Експорт-импорт банка што денеска во Будимпешта во име на Владата, го потпиша министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, се очекува наредната недела да легнат на девизната сметка на Министерството за финансии.

Таа во Тема на денот на Сител, од Будимпешта повтори дека станува збор за кредит од 500 милиони евра со каматна стапка од 3,25 проценти, со период на отплата од 15 години, односно вклучен грејс период од три години. Тие ќе влезат како средства во буџетот, од каде 250 милиони евра ќе бидат насочени кон Развојната банка, а таа преку комерцијалните банки ќе ги пласира на приватниот сектор за инвестиции, а останатите 250 милиони евра ќе останат во Буџетот и ќе бидат наменети за инфраструктурни проекти, односно за финансирање на проектите на општините.

-Ние денес го искористивме моментот да поразговараме и околу пополнување на дополнителни документи за да се изврши исплатата. Очекувам во четврток кога ќе бидеме вратени назад во Македонија да ги испечатираме тие документи и да ги проследиме до Унгарската банка и во текот на следната недела средствата да бидат префрлени на девизната сметка на Министерството за финансии, рече Димитриеска-Кочоска, прашана кога треба да стигнат парите на државната сметка.

Таа наведе и дека условите под кои ќе бидат достапни за користење на средствата од овој кредит од страна на бизнисот, преку комерцијалните банки ќе бидат ставени на располагање за компаниите под истите услови како и за државата.

– Тие (компаниите) ќе треба да аплицираат кај Развојната банка, Развојната банка понатаму ќе стапи во комуникација со нив. Најважно од се е тоа што приватниот сектор треба да знае дека средствата ги обезбедивме, дека штом ќе легнат на сметка ќе ги пренасочиме кон Развојната банка и понатаму таа ќе се договори со комерцијалните банки како ќе бидат распределени средствата по комерцијалните банки, вели Димитриеска-Кочоска.

Прашана дали фирмите ќе имаат некакви дополнителни обврски кон комерцијалните банки, бидејќи првично беше најавено дека условите коишто ги користи државата од Унгарија ќе ги имаат и компаниите во земјава, министерката за финансии одговори потврдно.

-Истите услови. Тука нема дилема. Значи, остануваат истите услови – каматната стапка, исто 15 години рок на отплата со вклучени три години грејс период, но она што е важно што и компаниите го знаат и претходно сме го зборувале, станува збор за компании коишто се производни, коишто ќе инвестираат во машини и опрема. Зошто е тоа така, ние рековме нема да ставиме само акцент на извозните компании, може да се и домашните компании коишто произведуваат и продаваат на домашниот пазар. Целта е или да го поттикнеме извозот или да го намалиме увозот. Ефектот е потполно ист. Затоа велиме производни компании под истите услови под коишто и ние го обезбедуваме кредитот, подвлекува Димитриеска-Кочоска.

Таа беше прашана и за тоа дали комерцијалните банки нема да побараат некаков процент за да ја овозможат услугата околу доделување на кредитите на фирмите. 

-Првичните разговори ни беа сепак и тие да учествуваат во целата оваа работа за да ја заживееме економијата, бидејќи знаеме дека во изминатите години го достигнавме нивото, очекувањата на приватниот сектор беа многу лоши затоа и инфлацијата се влошуваше и сега тука заеднички ќе се потрудиме да најдеме начин како и комерцијалните банки да ја поддржат целата оваа работа со минимални или речиси никакви заработки. Секако ќе разговараме, Развојната банка ќе разговара со нив и ќе видиме понатаму како ќе оди целата постапка, вели министерката за фианнсии.  

Таа посочи дека во Будимпешта било разговарано и за втората транша за дополнителните 500 милиони евра под истите услови што, вели, за нас како држава е многу важно, затоа што во јануари доспева еврообврзница од 500 милиони евра и се договориле. Министерството за финансии, најави таа, следната недела ќе ја почне процедурата за одобрување на дополнителните 500 милиони евра којшто договор таа очекува да биде потпишан до средината на декември, а исплатата да се заврши до средината на јануари, наредната година.

-Значи следната недела започнуваме повторно постапка затоа што исто така треба да биде одобрено од страна на Собранието на Република Македонија, вели министерката за финансии.

Во однос на обвинувањата од опозицијата дека власта зема сомнителни пари кои не ставаат во должничко ропство, таа наведува дека целатат постапка за кредитот била транспарентна и одобрена со закон во Парламентот,  

-Па јас не знам што е сомнително кога Собранието го гласало, како може нешто да биде сомнително. Второ, премногу транспарентно кажуваме на што ќе се трошат парите и мислам дека опозицијата треба малку повеќе да се грижи за парите како ги трошеле во минатото.  Државниот завод за ревизија излезе со извештаи, очекувам дека ќе има и одредени предмети коишто ќе се процесуираат понатаму, така што јас би била загрижена повеќе за тоа. Во овој дел транспарентно зборуваме, а мислам дека премиерот Орбан кога беше во Македонија многу јасно објасни дека тие пари коишто тие ги добиле од кинески кредит се наменети точно за конкретни проекти. Ова се унгарски пари, а кога зборуваме за унгарски пари зборуваме за пари на Европската унија и не гледам тука ништо спорно, потенцира министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Унгарскиот кредит го договорија премиерот Христијан Мицкоски и унгарскиот премиер Виктор Орбан за време на учеството на Самитот на НАТО во Вашигтон, а Законот за заем беше изгласан во македонското Собрание на 17 септември годинава. вг/цр

Фото: МИА Архива

 

 

 

 

Остани поврзан