• сабота, 23 ноември 2024

Димитриеска-Кочоска: Не верувам дека до крајот на годината ќе има намалување на јавниот долг

Димитриеска-Кочоска: Не верувам дека до крајот на годината ќе има намалување на јавниот долг

Штип, 4 октомври 2024 (МИА) - Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска не верува дека до крајот на годината ќе има намалување на јавниот долг. Во изјава за медиумите во Штип, министерката рече дека проекциите се и претпоставка е дека јавниот долг ќе изнесува 66 проценти.

- Тоа е максималниот износ, што е проектиран. Не верувам годинава дека ќе може да има намалување. Но, затоа работиме на промена на концептот, како ја гледаме иднината и како ќе ја развиваме економијата преку инвестиции, поголем економски раст. Секако дека полека ќе го консолидираме и јавниот долг, изјави Димитриеска-Кочоска.

Прашана за реакциите од одредени компании дека немаат редовен поврат на ДДВ, Димитриеска-Кочоска рече дека неможе да се согласи дека фирмите чекаат долг период.

- Ние секој месец вршиме поврат на ДДВ. Има компании кај коишто можеби подолго се чека, затоа што има одредени ситуации што дополнително треба да се испитаат. Идејата е дека најголемата злоупотреба што се случувала во изминатите седум години била токму во делот на повратот на ДДВ што значи дека во тој дел, одиме внимателно, уште еднаш со дополнителни проверки. Да не заборавиме од претходното раководство во Управата за јавни приходи има отворени налози во износ од повеќе од милјарда и четиристотини милиони денари по основ на стари предмети, посочи Димитриеска-Кочоска.

Истакна дека заедно со тим од Управата за јавни приходи работат на ваквите предмети и како што завршуваат, така и се врши повратот на ДДВ на фирмите.

За следната година во буџетот, како што изјави денеска Димитриеска-Кочоска, не се предвидени пари за ЕСМ. Се согласува дека ЕСМ е во страшно лоша состојба но, како што посочи, до крајот на наредната недела се чека да се склучи договор со домашните банки за кредитирање преку кои ќе ги затворат постоечките долгови, кои се повеќе од 100 милиони евра.

- Најважно од се е дека менаџментот на ЕСМ работи посветено и компанијата ќе има обезбедено подобри услови за идниот период за да си го сервисира кредитот што сега го зема, вели Димитриеска-Кочоска. вдј/бак/

Фото: МИА 

Остани поврзан