Димитриевски изврши увид во реконструкцијата на спортската сала во Куманово
- Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски изврши увид во реконструкцијата на спортската сала, информираа денеска од Општината.

Куманово, 6 март 2025 (МИА) - Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски изврши увид во реконструкцијата на спортската сала, информираа денеска од Општината.
- Целта беше да констатирам дека процесот за целосна реконструкција на овој монументален спортски објект кој е во завршна фаза, се одвива беспрекорно. Според предвидената програма, работните активности во сите фази се одвиваа уредно и со утврдена динамика на работа, информираше Димитриевски.
Во иднина, како што најави, тој се планира партерно уредување на просторот околу спортската сала, поставување на систем за греење и ладење, како и оспособување на простории за клубови и стрелиште.
Спортската сала во Куманово веќе извесен период етапно се реконструира. Изминативе години почна делумна реконструкцијата на трибините, следуваше реконструкција на салата наменета за бокс, претходно се санираше покривната конструкција. Спортската сала е еден од четирите големи спортски објекти, Соколана, градски стадион и стрелиште кои Владата ѝ ги врати во владение на општина Куманово, откако претходно со нив менаџираа приватни стопанственици.
Спортската сала во Куманово е изградена пред четири и пол децении и една од најубавите затворени сали во државата и пошироко. ам/мд/
Фото: Општина Куманово