• понеделник, 15 декември 2025

Димитриевски: ЗНАМ е почеток на поинаков пристап во македонската политика

Димитриевски: ЗНАМ е почеток на поинаков пристап во македонската политика

Скопје, 14 декември 2025 (МИА) - Знам дека сме на вистинскиот пат - Македонија да ја трансформираме во поубаво место за живеење каде младите ќе сакаат да останат. Создадовме политички субјект препознаен и етаблиран на македонската политичка сцена, со членство кое постојано расте и има стабилна партиска инфраструктура во 53 општини, субјект во кој се обединија луѓе за кои етиката, моралните норми, чесноста и посветеноста се дел од секојдневното делување и животот во целина. Кај нас членуваат граѓани од различна политичка провиниенција и идеологија, од различна етничка и верска припадност. Оваа разновидност е показател дека сме партија која обединува и која е отворена за сите кои сакаат Македонија да биде слободна, демократска држава во која секој може да се оствари и да ги негува своите посебности, истакна денеска претседателот на Движењето ЗНАМ - За Наша Македонија кое одбележа две години постоење.

Во обраќањето по овој повод, Димитриески ги реафирмираше петте клучни столба на ЗНАМ: Интеграција на Македонија во Европската Унија, Република Македонија како современа, демократска, модерна, европска држава, втемелена на илинденските и на асномските вредности, Република Македонија како самоодржлива држава, Република Македонија како држава што испорачува правда за сите граѓани, која промовира нулта толеранција кон политичкиот криминал, корупцијата и ефикасна борба против организираниот криминал и Стабилни меѓуетнички односи.

-Тоа се меѓниците што ја дефинираат Македонија како национална држава на македонскиот народ и на сите граѓани што живеат во неа, припадници на различни етнички заедници. За нас е важно секој што живее тука, секој граѓанин на Република Македонија, да ги почитува симболите на државата - знамето, химната, грбот, јазикот и да работи за доброто на државата и на сите нас заедно. Нашата заложба Македонците, како народ кој ја основал оваа држава, да не се чувствуваат како граѓани од втор ред во сопствената држава, полека, но сигурно се реализира и неправдата што ја имаше во изминатите години се исправа. Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија ја подава раката кон сите што живеат во Македонија, зашто единствено заедно и обединети можеме да одиме напред, напомена партискиот лидер.

На крајот од обраќањето по повод двегодишнината на ЗНАМ, Димитриевски потенцира дека на иста линија се и останатите коалициски партнери. 

Според него, членството во ЕУ е единствената алтернатива за која се залага ЗНАМ.

-Ние, како македонски народ, ниту можеме, ниту смееме да се откажеме од македонските национални интереси. Во Европа да, но со зачувани достоинство и самобитност. Во Европа да, но со високо крената глава, како и сите други, согласно копенхашките принципи и критериуми. Ставот дека уставни промени може да има, но со одложено дејство први го изнесовме пред македонската и меѓународната јавност. Поконкретно кажано - без задолжителни гаранции од Европската унија за нашиот идентитет, јазик, историја, култура измени во Уставот нема да има. За да можеме да ја оствариме оваа цел и да покажеме внатрешно единство и сплотеност, ЗНАМ подготви и до сите партии достави Национална платформа за македонско национално единство и дефинирање на македонските национални црвени линии. Нејзината цел беше да ги обедини сите политички фактори, да изгради државен став со кој ќе се обезбеди и гарантира достоинствен пат на Република Македонија во остварувањето на нашата стратешка цел за полноправно членство во Европската Унија. Во ЗНАМ се уште сметаме дека има време Македонија да се обедини и да се врати на Крушевските и АСНОМ-ските принципи. Зашто само обединети и одвнатре силни, можеме да градиме силна, моќна, слободна и европска Македонија и да очекуваме успех и надвор, подвлече Димитриевски.

Тој порача и дека силна, економски моќна и слободна Македонија нема без да се посветиме на себе си, без да си го средиме и исчистиме сопствениот двор и врз темелите што ни се дадени од предците, да го изградиме нашиот дом.

-Само така, како средена, стабилна, праведна и модерна држава, со голем економски развој, во која институциите уживаат доверба кај граѓаните и во која здравството е достапно за сите, а образованието е во тек со модерните предизвици, како и напредок во сите други области, нашиот пат е сигурен и безбеден, рече Димитриевски.

Во обраќањето, Димитриевски се осврна и на почетоците. Нагласи дека со освојувањето шест пратенички места на парламентарните избори минатата 2024 година, по само неколку месеци постоење,  ЗНАМ стана фактор на стабилност кој не дозволува уцени во владеењето.

-Влеговме во Владата врз база на нашата Програма која стана дел од владината програма. Ја презедовме одговорноста. Креираме политики. Го подобруваме животниот стандард на граѓаните. Градиме законска и безбедна држава. Обезбедуваме правда и правиме реформи кои ќе помогнат идните поколенија да останат дома, затоа што без нашите деца Македонија ќе ја нема. Знаете дека како дел од Владата побаравме и добивме одговорни ресори, Министерството за правда и Министерството за јавна администрација. Нашата цел не беа фотелјите, нашата цел се резултатите и почитта на укажаната доверба. Токму затоа реформите во овие ресори, кои се од голема важност за функционирањето на целата држава се спроведуваат, проблемите се решаваат. За нас од ЗНАМ е важно, можеби и најважно, кажаното, ветното да се спроведе, да се испочитува, потенцриа претседателот на партијата.

ЗНАМ, оцени Димитриевски, имаше и прво успешно учество на локалните избори оваа 2025 година.

-Настапивме во соработка и поддршка со нашите партнери во Владата, ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН. И заедно ја остваривме победата. Таму каде тие имаа кандидати за градоначалници ги поддржавме, онаму каде ние имавме кандидати за градоначалници не поддржаа. Зацртаната цел на Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија за локалните избори беше освоени гласови помеѓу 35 и 40 илјади за советничките листи, како и едно до две градоначалнички места. Можеме да констатираме дека целта беше остварена. Освоивме 39 илјади гласови на советничките листи и 44 советници во општините и градот Скопје. Остваривме градоначалничка победа во Куманово. Она што следи е работа во интерес на граѓаните до наредните избори, рече Димитриевски.

Воедно информира дека советниците од ЗНАМ во општинските совети веќе ги актуелизираат проблемите со кои се соочуваат граѓаните на локално ниво и предлагаат решенија за нивно надминување.

-Резултатите покажуваат дека Движењето ЗНАМ - За Наша Македонија чекори кон целта – Македонија економски просперитетна држава во која владее правото и има правда за сите, стабилна по сите основи и интегрирана во меѓународните текови, заклучи Димитриевски во обраќањето.

На свеченоста по повод вториот роеденден на ЗНАМ имаше гости од коалициските партнери. мч/дма/

Фото: МИА

 

Остани поврзан