• вторник, 26 ноември 2024

Димитриевски: Доколку мнозинството одлучи дека треба да има избори, ние сме подготвени

Димитриевски: Доколку мнозинството одлучи дека треба да има избори, ние сме подготвени

Скопје, 4 ноември 2024 (МИА) - ЗНАМ е нов политички субјект и за нас е здраво да  учествуваме на избори. Да видиме каде сме, што сме. Во  секој случај  доколку мнозинството одлучи дека треба да има избори, ние сме подготвени, изјави вечерва претседателот на Движењето ЗНАМ и актуелен градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски. 

- Во политиката, доколку се случат предвремени парламентарни избори, заедно  со локалните избори, повеќе од сигурен сум дека и ова што во моментот го имаат од СДСМ, како  број на пратеници во Парламентот, ќе се намали драстично, што е добро за државата, бидејќи тоа е една пратеничка група која што всушност цело време со своите кандидатури бркаше самоамнестија и спас за самите себе си, не водејќи сметка за партијата, нагласи Димитриевски во гостувањето во емисијата „За или против“ на телевизија Алфа. 

Во врска со констатацијата на лидерот на СДСМ Венко Филипче дека Вреди и ЗНАМ имаат преполовена поддршка и маргинализирана улога во Владата, Димитриевски рече дека подобар мерач на рејтингот од изборите нема, а тие се случиле пред извесно време и сите виделе каде сме и какво е расположението кај народот.

За тоа дали има задоволство од актуелната власт, Димитриевски рече дека граѓаните тоа ќе го кажат веќе на следните избори. 

- Факт е дека оваа Влада се обидува да ги смени негативните трендови во државата, при тоа не газејќи  ги македонските  национални и државни интереси и не отстапувајќи ниту еден милиметар од тоа. И се додека е тоа така, ЗНАМ ќе биде составен дел на мнозинството на оваа власт и ќе гарантира да нема уцени од малцинството над мнозинството, како што беше во минатото, рече Димитриевски. 

Убеден сум, потенцира тој, дека сите чинители во власта и ние како ЗНАМ, тоа што го ветувавме, го реализираме.

На прашањето како ја коментира заканата на опозициската ДУИ за дестабилизација, Димитриевски упати порака до Ахмети да го промени наративот и дека никој не може да ја дестабилизира државата, ниту од надвор, ниту од внатре.

- Доколку се случи било каков обид за дестабилизација на државата, државата ќе одговори. Секој има право на демократски начин да протестира. Ако се случи некој да се обиде да дестабилизира, државата ќе постапи. Македонија има закон, има Устав, има институции и истите ќе постапат да го заштитат уставниот поредок. Волјата на мнозинството се искажува со 61 пратеник во Парламентот и наша обврска е да ја почитуваме волјата на мнозинството, рече Димитриевски.

Прашан за коментар на видеото на кое претседателот на СДСМ, Филипче се гледа како се забавува во Дубаи на приватна забава со поранешниот претседател на партијата Зоран Заев, Димитриевски одговори дека е некоректно да коментира приватни забави, иако станува збор за јавна личност.

- Јас, ниту господинот Венко Филипче, ниту голем број на поранешни функционери на минатата влада никогаш не сум ги доживувал како луѓе кои  потекнуваат или се СДСМ. Тие се всушност натрапници во таа партија којашто своевремено била државотворна партија, кокетирале со сите други власти, идеолошки не биле поткрепени во таа насока и со сплет на околности дошле на тие места и таа партија ослабува и претпоставувам ќе ја доживее судбината на Пасок од Грција, вели Димитриевски. цр/бак/

Фото: МИА архива

 

 

 

Остани поврзан