• петок, 27 декември 2024

ИЗБОРИ 2024 /ДИК ги усвои регистрите на радиодифузери, печатени и електронски медиуми за претседателските и парламентарните избори

ИЗБОРИ 2024 /ДИК ги усвои регистрите на радиодифузери, печатени и електронски медиуми за претседателските и парламентарните избори

Скопје, 29 март 2024 (МИА) - Државната изборна комисија (ДИК) на денешната 84 -та седница ги усвои Регистарот на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (интернет портали) за Избор на претседател на Република Северна Македонија и Регистарот на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (интернет портали) за Избор на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија.

- Од вкупно доставени 333 барања од медиумите за платено политичко рекламирање за претседателските избори, Државната изборна комисија ги потврди барањата на 37 телевизии, 35 радија, 11 печатени медиуми и 249 портали. Две телевизи и три радија ќе треба да достават корекција на ценовниците согласно чл.75 ѓ, ст.11 од Изборниот законик, соопшти ДИК. 

Вкупно осум правни субјекти со 10 портали, еден поткаст и едно радио се одбиени поради, како што се наведува, неисполнување на законските услови за регистрација на медиуми за платено политичко рекламирање.

Од вкупно доставени 334 барања за платено политичко рекламирање за парламентарните избори, Државната изборна комисија ги потврди барањата на 37 телевизии, 35 радија, 11 печатени медиуми и 249 портали.

- Две телевизии и три радија ќе треба да достават корекција на ценовниците согласно чл.75 ѓ, ст.11 од Изборниот законик. Вкупно седум правни субјекти со 9 портали, еден поткаст и едно радио се одбиени поради неисполнување на законските услови за регистрација на медиуми за платено политичко рекламирање, се вели во соопштението.

Против решенијата за одбивање на медиумите кои не ги исполнуваат условите за регистрација за платено политичко рекламирање, незадоволната страна има право на тужба до Управен суд на Република Северна Македонија, во рок од 24 часа од приемот на решението.

Регистарот на медиуми кои ќе вршат платено политичко рекламирање и ценовниците ќе бидат достапни на веб-страната на Државната изборна комисија.

Изборната кампања за претседателските избори закажани за 24 април годинава, започнува на 4 април во 00:00 часот и ќе трае до 24:00 часот на 22 април, а  кампањата за парламентарните избори, што треба да се одржат на 8 мај, ќе биде од 18 април до 6 мај.мд/лв/

 

Фото: МИА архива 

Остани поврзан