• среда, 25 декември 2024

ДИК ги објави роковите за изборите во Маврово и Ростуше и Центар Жупа

ДИК ги објави роковите за изборите во Маврово и Ростуше и Центар Жупа
Скопје, 11 јуни 2022 (МИА) - Државната изборна комисија ги објави роковите за извршување на изборните дејствија за спроведување на избори за градоначалник на Општина Маврово и Ростуше и градоначалник на Општина Центар Жупа што ќе се одржат на 20 август 2022 година. Борис Кондарко од ДИК рече дека рокот за собирање на потписи од граѓани за кандидати почнува на 20 јуни и трае 15 дена до 4 јули, додека избирачкиот список од страна на ДИК се заклучува најдоцна до 30 јули. Кандидатските листи за градоначалници се поднесуваат до општинските изборни комисии Маврово Ростуше и Центар Жупа најдоцна до 15 јули, а кандидатските бројки на гласачкото ливче ќе се изберат со жрепка од страна на ДИК најдоцна до 26 јули. -Изборната кампања започнува на 31.07 значи 31 јули во 0.00 часот вклучувајќи го и денот 31 и  трае заклучно со 18 август до 24.00 часот, 19 август е изборен молк, а денот на гласањето е 20 август, истакна Кондарко. Членовите во избирачките одбори партиите треба да ги достават до општинските изборни комисии Маврово и Ростуше и Центар Жупа, по претходно известување од страна на ДИК најдоцна до 8 август. Што се однесува до медиумите кои се заинтересирани за платено политичко рекламирање, должни се да се регистрираат согласно условите на изборниот законик директно во архивата ДИК или по електронски пат најдоцна до 14 јуни, додека рокот за доставување на ценовниците е 16 јуни. Во однос на медиумите останува во сила упатството за начинот и постапката за потврдување за просечно постигнатата цена за платено политичко рекламирање од 4 февруари 2022 година кои се донесени за повторените општински избори во општината Маврово и Ростуше и општината Центар Жупа. Со оглед дека изборите беа неуспешни останува истата пресметана цена од тогаш, и затоа ќе остане да важи истото упатство.сх/бк/

Остани поврзан