• недела, 29 декември 2024

Дигиталните технологии во истражување, документирање и презентација на културното наследство

Дигиталните технологии во истражување, документирање и презентација на културното наследство
Скопје, 19 март 2021 (МИА) - Културното наследство веќе не се истражува само теренски, туку сè повеќе се применуваат нови технологии за истражувања и документирање, како и за презентирање на археолошките локалитети и откритијата, со што тие и се достапни на пошироката јавност. Професионалците во земјава денеска на вебинар, организиран од Националниот комитет на ИКОМОС, споделија искуства за дигитални техники кои ги користат во работата. Зборуваа за фотограметрија (IBM - Image-based-modeling) која се користи за изработка на едукативни алатки за презентација и интерпретација на археолошкото наследство преку употреба на ВР-технологија (virtual reality) и мобилни апликации, за изработката на првата виртуелна тура за археолошки локалитет кај нас, како и за 3Д-моделирање на археолошки предмети - ласерско и со анимација. Христијан Талевски од ЈНУ Институт за старословенска култура во Прилеп се осврна на нивниот проект Географско-информациски систем (ГИС), преку кој се покриваат сите фази од третманот на културното наследство - самото истражување, преку анализа до промоција на пронајдоците. - За секој објект од културното наследство, со ГИС можеме да имаме просторно коректни податоци кои може да бидат визуализирани, буквално како дигитални досиеја, рече Талевски, а пребарувањата може да се прават по разни атрибути - хронологија, категоризација, потенцијална загрозеност, употребен материјал во градбата итн. Во моментов, рече, го привршуваат проектот за изработка на Дигитален атлас на римски локалитети во Република Македонија. Мишко Тутковски од НУ Стоби ги презентираше проектите Виртуелен музеј (3Д-модели од предмети од збирките на Стоби) и Виртуелна прошетка низ археолошкиот локалитет Стоби, кои произлегле од Меѓународната летна школа за напредна дигитална документација на археолошки наоди, организирана пред шест години во Стоби. Тој рече дека денес речиси и не користат мануелно документирање односно цртање со рака, а употребуваат и модерна техника за зачувување на наодите кои се губат со тек на времето, како што се релјефните структури, особено камени и глинени, но и на монетите. - Буквално сите потреби што ги имаме – и археолошките ископувања, и конзерваторските проекти, ги изработуваме со фотограметриски слики, посочи Тутковски. На вебинарот беа презентирани и конкретни локалитети кои се истражуваат мултидисциплинарно, како што е неолитската населба Врбјанска Чука во Пелагонија (помеѓу Прилеп и Крушево), за која излагање имаше Гоце Наумов, доцент на Штипскиот универзитет и претседател на Центарот за истражување на предисторијата. Вебинарот го организираше работна група на професионалци во подем во Националниот комитет на ИКОМОС (Меѓународен совет за споменици и локалитети). хс/сп/ 

Остани поврзан