• среда, 13 ноември 2024

ДЗСИ врши вонреден инспекциски надзор во Клиничка болница-Битола, директорот во оставка

ДЗСИ врши вонреден инспекциски надзор во Клиничка болница-Битола, директорот во оставка

Битола, 11 април 2023 (МИА) - Тим инспектори од Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ) во ЈЗУ Клиничка болница-Битола денеска инспектираат со цел да ги утврдат причините за смртта на новороденче на Одделението за гинекологија и акушерство во таа болница.

Од Министерството за здравство соопштија дека комисија од специјалисти гинеколози, неонатолог и анестезиолог, врши вонреден инспекциски надзор.

- Во врска со случајот со починатото новороденче во Клиничка болница Битола, информираме дека денеска Државниот санитарен и здравствен инспекторат врши вонреден инспекциски надзор. Комисијата е излезена на терен и во тек е надзорот за утврдување на текот на лекувањето на починатото новороденче. Истовремено е формирана и комисија за стручен надзор, составена од двајца специјалисти гинеколози, неонатолог, анестезиолог, како и претставник од Министерството за здравство. Директорот на Клиничка болница Битола, д-р Александар Обедниковски, утрово до Министерството поднесе неотповиклива оставка од морални причини, соопштија од Министерството за здравство.

Новиот т.н. здравствен инцидент во ЈЗУ Клиничка болница-Битола, што е регистриран неколку седмици по смртта на шест годишното девојче Јана Христовска, која животот го загуби во Одделението за педијатрија во истата болница, предизвика револт во градот, кој утре во 17 часот повторно ќе биде искажан пред болницата со вклучување сирена и оддавање едноминутно молчење, известија организаторите на протестот. мт/цр

Фото:МИА

Остани поврзан