• среда, 27 ноември 2024

ДЗР: Алармантен губиток на таленти, државата на петто место по одлив на мозоци

ДЗР: Алармантен губиток на таленти, државата на петто место по одлив на мозоци

Скопје, 2 јули 2024 (МИА) - Државниот завод за ревизија (ДЗР) денеска го објави конечниот ревизорски извештај од извршената ревизија на успешност „Ефикасност на мерките за спречување на одливот на високообразовни и стручни кадри“. Според извештајот на ИОМ за 2020 година, Република Северна Македонија се наоѓа во топ 20 земји во светот со најголема емиграција во странство, додека според проценките на Светската Банка, речиси 40 проценти од високообразовниот кадар ја има напуштено државата. Според Индексот на одлив на мозоци на Global Economy, РСМ е на високото петто место (од 41 европска земја), што јасно покажува дека државата се соочува со голем губиток на таленти.

Целта на ревизијата, појаснуваат во соопштението од ДЗР, бил да се даде одговор на прашањето „Дали Владата на Република Северна Македонија ги испланирала, имплементирала и мониторирала мерките и активностите од Националната стратегија за вмрежување и соработка со високообразовани и стручни кадри 2013-2020, на начин кој би можел да придонесе да се спречи одливот на високообразовани кадри?’’

- Спроведените ревизорски активности и обезбедените ревизорски докази овозможија да стекнеме разумно уверување дека активностите на Владата како носител на политиките за управување со миграцијата не се доволно ефективни за намалување на одливот на високообразовниот кадар од државата, се наведува во извештајот.

Според податоците на Државниот завод за статистика бројот на македонски граѓани кои заминале во странство во периодот 2013-2022 година изнесува 7.861 лице.  Податоците на ДЗС за образовната структура на лицата кои ја напуштиле државата покажуваат дека во периодот 2015-2022 година од земјата емигрирале вкупно 719 високообразовани лица, прикажано по години во графиконот.

Како што стои во извештајот, согласно добиените податоци од меѓународните организации и земјите на прием, бројот на македонски граѓани коишто престојуваат во странство се зголемува со забележителна стапка. Оваа тенденција, се подвлекува во соопштението од ДЗР, искажува сериозни предизвици за државата, вклучувајќи го одливот на високообразовни кадри и потенцијалните ефекти врз економијата и друштвото во целост

- Сепак, во контекст на овие предизвици, недостатокот на активна стратегија за управување со високообразовни кадри во државата уште повеќе ја зголемува загриженоста. По истекувањето на периодот на важност на Националната Стратегија за вмрежување и соработка со високообразовани и стручни кадри од 2013 до 2020 година, државата нема стратешки документ за борба против одливот на квалификувани кадри. Од страна на Владата усвоена е Резолуција за миграциона политика, со посебна стратешка цел насочена кон намален интензитет на трајната емиграција во странство на лицата со високо ниво на образование, но за истата не е воспоставен мониторинг на имплементацијата на мерките и активностите, а воедно усвојувањето на нови стратешки документи се врши без претходно оценување и евалуација на резултатите, стои во извештајот.

Национална стратегија за вмрежување, соработка и спречување на одливот на високообразовани и стручни кадри 2013-2020 е единствениот стратешки документ за јавни политики во којшто директно се адресира прашањето за „одливот на мозоци“. Оваа стратегија, посочуваат од ДЗР, не е објавена во Службен весник и на веб страната на МОН, а отсуството на поткрепувачка документација за начинот на планирање и изработка на Стратегијата, не обезбедува веродостоен податок за вклученоста на сите релевантни институции во креирањето на стратешкиот документ.

Иако со усвојувањето на Стратегијата и Акцискиот план за 2013/2014 година беа дефинирани цели, мерки и активности за намалување на емиграцијата на високообразовни кадри, со извршената ревизија утврден е низок степен на нивна имплементација. Ваквата состојба, според ДЗР, се должи на недоволна координација меѓу институциите и носителите на мерки, како и на не формирана работна група во рамките на Министерството за образование, која треба да воспостави национален систем за полесно следење и управување со движењето на високообразовани поединци од земјата.

Во извештајот се нотира дека не е воспоставен функционален систем за следење и управување со интелектуалната емиграција во Република Северна Македонија, поради невоспоставена мрежа или база на податоци на високообразовани лица кои живеат и работат во странство и неизвршена анализа на состојбите со миграцијата на високообразовен кадар, со бројот на емигрирани лица, образовен профил, старосен профил, со адресирање на причините за емиграција.

- Се доделуваат стипендии за втор и трет циклус на студии во странство без извршена анализа и утврдување кои студиски програми се од јавен интерес за државата и ќе бидат предмет на стипендирање. Од друга страна МОН нема воспоставено ефикасен систем за следење дали студентите ги имаат исполнето обврските согласно објавениот конкурс и склучените договори. Врз основ на извршената анализа ревизијата утврди значителни разлики помеѓу бројот на одобрени квоти и бројот на запишани студенти, што укажува на недостаток на анализи за реално креирање на уписната политика, насочена кон усогласување на понудата и побарувачката и во корелација со политиките за економски развој на државата, покажуваат резултатите од извршената анализа.

Нефункционалноста на веб порталите nauka.mk и patent.mk, според ДЗР, оневозможува истите да се користат како средство за обезбедување на информации за резултатите од научно истражувачката дејност, иновациите, трансферот на универзитетскиот know-how на пазарот во компаниите и регистрираните патенти (иновативните пронајдоци).

Во текот на ревизијата, информираат од ДЗР, бил ангажиран експерт кој извршил студија/истражување чии проценки покажуваат дека во периодот 2013-2021 година од државата просечно годишно мигрираат по околу 2.500 високообразовани кадри, за кои државата просечно годишно инвестирала по околу 5 милијарди денари или вкупно за анализираниот период потрошила 44,7 милијарди денари, односно околу 725 милиони евра.

Невработеноста на младите од 15 до 29 години во земјава е поголема од невработеноста на оние од 30 до 64 години. Според  податоците на Агенцијата за вработување (АВРСМ) 20.698 лица на возраст

Одливот на високообразовани кадри, стои во соопштението од ДЗР, има сериозен ефект врз бруто домашниот производ (БДП), со проценети 0,8% од БДП на годишно ниво. Сепак, вкупниот ефект на опортунитетниот трошок, вклучувајќи го изгубениот БДП кој не е генериран заради емиграцијата, се проценува на 5,15 проценти од БДП на годишно ниво. Доколку се додаде реално изгубената инвестиција во образование за овие кадри, што во просек изнесува 3,19 проценти од БДП годишно, вкупниот негативен економски ефект рефлектира вкупна загуба од 8,34 проценти од БДП на годишно ниво.

- Препораките дадени во овој извештај се однесуваат на активностите кои МОН и Владата, кои треба да ги преземат со цел отстранување на причините од утврдените неправилности, утврдени состојби или потенцијални ризици прикажани во извештајот. цр/ац/

Фото: принтскрин и МИА архива

 

Остани поврзан