• среда, 18 декември 2024

Де Вевер доби уште 10 дена да се обиде да формира нова Влада на Белгија 

Де Вевер доби уште 10 дена да се обиде да формира нова Влада на Белгија 

Брисел, 10 декември 2024 (МИА) – Белгискиот крал Филип доцна попладнево на лидерот на десничарската Нова фламанска алијанса (Н-ВА), Барт Де Вевер му даде дополнителни 10 дена, до 20 декември, да се обиде да формира нова влада на Белгија, јави дописникот на МИА од Брисел. 

- Барт де Вевер беше примен во Кралската палата. Тој го информираше кралот за резултатите неговата обврска за формирање нова Влада. Тој повторно ќе се појави (пред кралот) на 20 декември, се наведува во објавата на Кралската палата на Икс по средбата на Де Вевер со кралот Филип,.  

Де Вевер имаше рок до денеска да се обиде да формира Влада на земјата по изборите одржани на 9 јуни годинава, но петте партии кои преговараат за создавање нова коалиција се уште не успеаја да се договорот околу идната владина програма. 

Пред денешната средба со кралот, Де Вевер имаше нова средба со претставниците на останатите четири партии потенцијални коалициски партнери, во уште еден обид за постигнување договор, но без успех.  

Како што јави белгискиот јавен радиодифузен сервис ВРТ, иако процесот на формирање влада оди бавно, мандатарот Де Вивер и учесниците во коалициските преговори се согласиле „донекаде да го променат досегашниот начинот на разговори“. 

Преговорите меѓу Н-ВА, валонското либерално Реформско движење (МР), валонската центристичка партија Посветените (ЛЕ), фламанската социјалдемократска партија Напред (Вуројт) и десноцентристичката Христијански демократи и Фламанци (ЦДВ) за формирање Влада се во застој, па одредени кругови, според ВРТ, веќе го покренуваат прашањето дали Де Вевер треба да остане мандатар.  

Спорни прашања остануваат усогласувањето на државниот буџет за 2025 година и реформите на пазарот на трудот, пензиската политика и даночниот систем. 

Според ВРТ, главен проблем во преговорите се се поголемите несогласувања меѓу Вуројт и МР, не само во однос на содржината на владината програма, така и на персонална основа. Така МР го обвинува лидерот на Вуројт, Конер Русо дека „не се осмелува или не сака да се постигне договор“, додека од неговата социјалдемократска партија тврдат дека токму првиот човек на валонските либерали Жорж-Луј Буше го оневозможува постигнувањето договор со тоа што „вика и вреска на состаноците“. 

Сепак, според пратеникот Жан-Лук Круке, еден од главните преговарачи на Посвтените (ЛЕ), видливо е дека сите партии вклучени во преговорите „имаат намера да успеат“. Тој смета дека тоа што се уште не е постигнат договор, не мора да значи дека процесот е блокирана. 

- Петте партии останаа на преговарачка маса. Она што е важно е волјата да се преговара до самиот крај, изјави Круке, изразувајќи надеж дека до пред крајот на годината сепак ќе биде постигнат договор за формирање нова влада. 

На јунските парламентарни избори Н-ВА на Де Вевер освои 24 пратеници, пред националистичката и десно популистичка Фламански интерес (ВБ) и РМ со по 20, ПС со 16, Работничката партија на Белгија (ПВДА/ПТБ) со 15, ЛЕ со 14, Вуројт со 13, ЦДВ со 11, Опен ВЛД со 7, Зелените со 6, Еколо со 3 и бриселската регионална либерална партија Независни федерални демократи (ДЕФИ) со 1 мандат.    

Неколку недели по изборите кралот Филип му довери задача на Де Вевер да се обиде да состави нова владина коалиција, но кон средината на август тој го врати мандатот. По ова, кралот на 23 август го задолжи лидерот на франкофонската центристичка партија Посветените (ЛЕ), Максим Прево да посредува во обидите за формирање нов владин кабинет. На 1 септември Прево изјави сите партии ја потврдиле „својата решеност да ги спроведат важните структурни реформи, кои треба да ја вратат Белгија на колосекот на просперитетот и благосостојбата за нејзиното население и економија“. Веќе следниот ден кралот Филип одново го задолжи Де Вевер да ги продолжи преговорите меѓу петте можни партнери за формирање идна владина коалиција, за што првичниот краен рок беше 23 септември, но тој потоа беше продолжуван во неколку наврати. Последниот „каен рок“ беше денеска. 

Актуелната белгиска Влада во заминување беше формирана во октомври 2020 година, 494 дена по изборите одржани на 26 мај 2019 година. сп/ 

Фото: Икс

Остани поврзан