• среда, 25 декември 2024

Дејвид Линч објави дека боледува од емфизем, но нема да се пензионира

Дејвид Линч објави дека боледува од емфизем, но нема да се пензионира

Лос Анџелес, 6 авгyст 2024 (МИА) - Американскиот режисер Дејвид Линч во објава на својот интернет-простор вчера потврди дека боледува од белодробен емфизем поради „долгогодишното уживање во цигарите“, но во истовреме тој уверува дека „никогаш нема да се пензионира“.

Откако „го оставил тутунот, неговиот мирис и задоволството да запали цигара“, 78-годишниот режисер во објавата на „Х“ пишува дека „секое задоволство има своја цена“, а тоа што тој треба да го плати е болеста на белите дробови. Во интервју што ќе биде објавено во септемвриското издание на британското списание „Сајт енд саунд“ (Sight and Sound), режисерот на филмовите „Твин Пикс“, „Мулхоланд Драјв“ и „Морнарот и Лула“ („Златна палма“ во Кан, 1990) признава дека е помалку активен од порано и дека можеби за време на идните проекти ќе мора да им дава инструкции на своите актери од далечина.

Тој потоа објави смирувачка порака на социјалните мрежи: „Пред две години се откажав од пушењето и добрата вест е дека, и покрај емфиземот, моето здравје е одлично и никогаш нема да се пензионирам“.

Во мигов тој работи на ТВ-серијата „Неснимена ноќ“ (Unrecorded Night), којашто според ИМДБ е од жанрот драма-мистерија.

Како режисер на бројни култни играни филмови, објавени меѓу 1977 и 2006 година, овој филмаџија беше номиниран за Оскар за „Човекот слон“ (1980), „Син сомот“ (1986) и „Мулхоланд драјв“ (2001). Доби почесен Оскар во 2019 година за целата своја филмографија.

Во 2017 година режисерот ја сними третата сезона од ТВ-серијата „Твин Пикс“ од 1990 година.  си/

Фото: ЕПА

Остани поврзан