• среда, 25 декември 2024

Децата „Алфа“ - новата дигитална генерација

Децата „Алфа“ - новата дигитална генерација
Берлин, 8 ноември 2021 (МИА) - Генерацијата „Ипсилон“ Y (тн. „милениумци“) веќе градат семејства, а оние од генерацијата „Зет“ (Z) (интернет-генерацијата) не страдаат од недостаток од самоувереност... Но, што знаеме за генерацијата „Алфа“? Се работи за генерацијата луѓе родени меѓу 2010 и 2025 година, односно некои нејзини претставници сѐ уште не ни се родени. Генерацијата „Алфа“ е првата родена во 21 век. А, под знакот на дигиталните технологии - „Алфа“ децата речиси и не го познаваат „вистинскиот свет“. Тие се во контакт со паметните телефони и таблетите уште од мали нозе, па честопати, и интуитивно се справуваат со овие уреди дури и пред да проговорат. Или, како што вели истражувачот Симон Шнецер, за „Ди велт“ (Die Welt), афинитетот кон дигиталната технологија ќе биде најголемиот предизвик во справувањето со децата „Алфа“. Тие се „хиперфлексибилни“ и ќе им биде потешко да се прилагодат на „невиртуелните“ временско-просторни односи, како на пример - во градинките или училиштата. Затоа, нивните воспитувачи и учители мора да им помогнат да се етаблираат во тој „нов свет“. И добро би било да се вклучат нови предмети во наставната програма, покрај Историја, како „Програмирање“ и „Безбедно ракување со социјалните мрежи“. Има и други проблеми... Многу од овие деца паѓаат во дигиталниот простор уште и пред да се родат - преку фотографиите од бремената мајка или првиот збор изговорен на видео... Гордите родители ги објавуваат овие снимки на интернет, но еден ден тие може да бидат незгодни за децата... Дали децата се „претерано згрижени“? Со цел подобро да го проценат социјалното однесување на децата Алфа, истражувачите се сосредоточуваат на нивните родители - милениумците - како се однесуваат со своите деца, како растат? Да потсетиме - милениумците важат за малку дезориентирани, но и - амбициозни и целосни перфекционисти. Тие се оние кои секогаш сакаат да направат сѐ како што треба - вклучително и кога станува збор за воспитувањето на децата. Сѐ ова води до тоа дека новата генерација е „претерано згрижена“ и поштедена од нештата со кои, обично, ќе требаше сама да се справи. Психологот Рудигер Мас за „Дојчландфанк“ (Deutschlandfunk), објасни - зошто ова е проблем? - Откривме дека прекумерната грижа влијае на децата исто како и недоволната грижа. Но, денес првото е многу почеста појава. Децата на претерано внимателни родители не се понесреќни, но потешко се справуваат со меѓучовечките односи - како што се стекнување пријатели или контакт со странци, смета тој. Способноста сами да се справат со конфликтите, да ги изразат своите мислења и да покажат имагинација во контактите со врсниците, исто така, може да им биде предизвик. Истражувањата покажуваат дека однесувањето во игрите, на децата од четири-петгодишна возраст, во 56 отсто не одговара на нивната возраст. А за две-тригодишните и шест-седумгодишните, работите исто така, не изгледаат многу поинаку, т.е. и тие имаат проблеми со социјалното однесување. Се разбира, еден труд не треба да носи заклучоци за целата генерација, особено што ситуацијата во последната година и пол - не беше нормална. Особено, децата без браќа и сестри, за време на пандемијата, воопшто немаа шанса да ги одржуваат оние важни односи со другите деца, забележува „Ди велт“. - Во зависност од средината во којашто растат, тие стекнаа многу поинакво искуство, кое не може да се стави под заеднички именител, вели Шнецер. Но, засега може само да се погодува какво влијание ќе има ова врз нивниот социјален живот во иднина.  си/

Остани поврзан