• среда, 25 декември 2024

Детски парламент во Собранието по повод Светскиот ден на детето

Детски парламент во Собранието по повод Светскиот ден на детето

Скопје, 20 ноември 2024

 

Ученици од 15 основни училишта од повеќе градови во земјава денеска повторно се најдоа во улога на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, во рамки на проектот „Детски парламент“, а по повод 20 Ноември – Светскиот ден на детето.

Обраќајќи им се на децата кои годинава беа дел од Детскиот парламент, генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска, истакна дека најмладите секогаш шират посебна енергија и дека законодавниот дом е секогаш отворен за активности посветени на учениците.

„Детскиот парламент не е само симулација на возрасните политички структури. Тој е вистинска можност за вас, младите луѓе, да се вклучите во процесот на дискусија, дебата и одлучување. Тој ви дава платформа да ги изразите вашите мислења и да учествувате во создавањето позитивни промени во вашата заедница и пошироко“, рече Димовска.

Не заборавајте дека вашите идеи се важни, рече Димовска, посочувајќи дека детскиот глас може да донесе промени, да инспирира нови политики или да започне нови процеси.

„Вие сте иднината на нашето општество, а учењето и практикувањето демократија од млада возраст е клуч за развојот на една силна и одговорна заедница. Се надевам дека ќе излезете од тука со нови идеи, нови пријателства и ново разбирање за тоа како сите ние, без разлика на возраста, можеме да го направиме светот подобро место за живеење“, рече Димовска.

Како што потсети генералната секретарка на Собранието, Генералното собрание на Обединетите нации во 1954 година го прогласи 20 Ноември за Светски ден на детето, кој има за цел да обезбеди благосостојба на децата низ светот и да ги потсети возрасните дека децата, како рамноправни членови на секое општество, имаат свои права и истите треба да се почитуваат.

На 20 ноември 1959 година, Генералното собрание на ОН ја усвои Декларацијата за правата на детето, а во 1989 година беше усвоена и Конвенцијата за правата на детето, што нашата држава ја ратификуваше во 1993 година.

Најмладите кои се вклучија во годинешниот Детски парламент изработија креативни паноа, со пораки до пратениците, цртежи и стихови. Тие исто така се најдоа во улога на пратеници, дискутирајќи на тема „Замена на класичните со електронски учебници“.

Учениците имаа можност и за средба со пратеници и за организирана обиколка на Собранието.

*Во законодавниот дом, речиси секоја година се одржува Детски парламент, во организација на Парламентарниот институт. Станува збор за проактивен пристап на законодавната власт да ја приближи работата на Собранието до младите, да придонесе за развој на демократска свест и култура на толеранција, како и да ги поттикне младите за општествена и политичка критичност и вклученост.

Собрание на Република Северна Македонија

Фото: Собрание на Република Северна Македонија

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан