• среда, 25 декември 2024

Детектор: Младинскиот активизам на незадоволително ниво

Детектор: Младинскиот активизам на незадоволително ниво

Скопје, 2 јуни 2024 (МИА) – Младинскиот активизам е на незадоволително ниво, а од година во година младите сè се помалку активни во општествениот живот, покажува последното истражување на јавното мислење кое за „Детектор“ го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.

Според него, 66,3 отсто од граѓаните сметаат дека младинскиот активизам во државата не е на задоволително ниво, додека добро ниво гледаат само 21,9 проценти.

Споредено со пред 5 до 10 години, 60 отсто од граѓаните сметаат дека денеска младите се помалку активни во општествениот живот, 23,6 проценти не гледаат разлика, а само 7,7 отсто детектирале поголема активност на младите во споредба со периодот од пред 5 до 10 години.

- Анализата по возрасна структура не дава некои големи отстапувања бидејќи сите возрасни групи во прилично големо мнозинство го делат ставот дека во последните години активизмот на младите дополнително опаѓа, заклучуваат од „Детектор“.

Сепак, поголемиот дел од граѓаните или 49,2 отсто сметаат дека младите се активни во политичките партии, додека 30,9 проценти не се согласуваат со тоа.

- Интересно е што со овој став на сите граѓани не се согласуваат студентите каде близу две третини се на ставот дека младите не се доволно активни во политичките партии, истакнуваат од „Детектор“.

Слични се одговорите и за активизмот на младите во невладиниот сектор, иако тука мнозинството од 45,5 отсто е на ставот дека младите не се доволно активни, што е нешто под оние 58 проценти студенти кои го делат истиот став.

- Очекувано, според граѓаните младите се активни во спортот. Ваков став делат 60 отсто од анкетираните додека 30,2 проценти се убедени во спротивното. Граѓаните прашани каде младите се најактивни во големо мнозинство од 41,1 проценти рекле дека тоа е спортот. 15,6 отсто се определиле за политичките партии, 6,1 проценти за хуманитарни акции а само 3 отсто за еколошки акции, посочуваат од „Детектор“.

Анкетата по нарачка на „Детектор“ ја спроведе Институтот за политички истражувања Скопје врз репрезентативен примерок од 1079 испитаници во периодот од 16 до 20 април оваа година. ир/ев

 

Фото: Детектор

Остани поврзан