Детекторите за чад станаа задолжителни во домовите во Брисел
- Секој дом мора да биде опремен со најмалку еден детектор за чад, кој треба да биде инсталиран кај влезната врата.
Брисел, 1 јануари 2025 (МИА) – Од денеска секој дом, односно стан или куќа во Брисел, мора да поседува детектор за чад.
Досега ова правило важеше само за становите или куќите што се издаваа под наем, но со Уредба на Регионалната влада на Брисел, отсега сите домови на територијата на Бриселскиот регион ќе мора да имаа инсталирано вакви уреди.
Согласно одлуката, секој дом мора да биде опремен со најмалку еден детектор за чад, кој треба да биде инсталиран кај влезната врата. Во становите со повеќе соби се бара да биде инсталиран најмалку уште еден детектор и тоа во најоддалечената просторија од влезната врата, на растојание кое со техничка терминологија се нарекува „пат на внатрешна циркулација“. Во повеќекатни куќи на секој кат мора има најмалку по еден детектор за чад.
Конечно, доколку во една куќа или стан има најмалку четири детектори за чад, тие мора да бидат меѓусебно поврзани или да бидат дел од централизиран систем за детекција. Сопствениците на домови кои веќе имаат најмалку четири детектори за чад што не се меѓусебно поврзани, имаат рок до 1 јануари 2028 година да се усогласат со оваа одредба.
Согласно одлуката детектори не е потребно да се инсталираат во бањи, тоалети, кујни и гаражи, освен во случај ако овие простории имаат двојна функција.
Уредбата предвидува дека инсталираните детектори мора да бидат оптички, да имаат вградена батерија што трае десет години и да го исполнуваат европскиот стандард ЕН14604.
Во интерес на целосно и правилно инсталирање и функционирање на детекторите за чад, жителите на Брисел можат да побараат нивниот дом да го посетат советници за заштита од пожари при Бриселската противпожарна служба, кои би извршиле проценка колку уреди би требало да се инсталираат и на кои места. сп/
Фото: МИА Архива