• среда, 13 ноември 2024

Деспотовски: Силен и реформиран СДСМ ќе биде надеж за сите граѓани

Деспотовски: Силен и реформиран СДСМ ќе биде надеж за сите граѓани

Скопје, 9 мај 2024 (МИА) - Членот на СДСМ Јован Деспотовски денеска во врска со резултатите од вчерашните избори изјави дека за носење на брзи и квалитетни одлуки потребна е итна сериозна анализа, но и храброст кај врвот да се прифати реалноста на овој пораз. Тој е на ставот дека силен и реформиран СДСМ ќе биде надеж за сите граѓани.

Деспотовски појасни дека на нивните членови, поддржувачи денес им е повеќе од потребен консолидиран и свесен СДСМ.

-Сите се тажни, разочарани, но и уплашени од повторување на некои лоши работи од некои не така далечни минати времиња. Силен и реформиран СДСМ може и мора да ги заштити. Вчеравечер пропуштивме огромна шанса да го направиме првиот чекор кој почнува со одговорност, со име и презиме, почнувајќи од врвот. По статутот, тоа ќе отвори веднаш простор за поширока анализа на причините за овој пораз. За одговор на прашањата: Каде исчезна онаа енергија од пред 7 години? Дали ветивме многу работи, а малку исполнивме? Каде се стопи довербата и како се загуби сета онаа надеж кај луѓето? Признанието дека имаме огромен проблем е прв чекор за негово надминување, посочи Деспотовски.

Тој додаде дека како членови на СДСМ носат огромна одговорност нивната опција, идеја, цел да опстои и да постои и понатаму.

-Денес сме им потребни на нашите членови и поддржувачи, но и нас самите, ама...веќе утре ќе и бидеме потребни на државата, на сите наши сограѓани, вели Деспотовски.

Според него, за носење на брзи и квалитетни одлуки потребна е итна сериозна анализа, која не треба да се одолговлекува. Но, ако што рече, за првиот чекор кон овие одлуки треба само храброст кај врвот да се прифати реалноста на овој пораз.

-Не ни требаат условени оставки кои ќе се ефектуираат доколку и другите си поднесат оставки. Секој да почне од себе без да го чека партискиот другар до него. Само така овој процес на промена нема де трае предолго а штетата нема да стане ненадоместлива. бт/ац/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан