• четврток, 26 декември 2024

Деспотовски на средби со странски инвеститори, најавени нови инвестиции и повисоки плати

Деспотовски на средби со странски инвеститори, најавени нови инвестиции и повисоки плати

Скопје, 13 март 2021 (МИА) - Новиот концепт во работењето и новиот начин на државна помош беа во фокусот на разговорите што директорот на Технолошко-индустриските развојни зони Јован Деспотовски ги имаше со странските компании во ТИРЗ во Кичево, Охрид и Струга. 

На средбите, како што соопшти Дирекцијата на ТИРЗ, е разговарано за проширување на инвестициите, за новите механизми за државна помош, како и за новиот систем за грижа на корисници т.н. „Систем на една влезна точка“. 

Деспотовски пред претставниците на „Костал“, „ОДВ Електрик“ и „Џојсон Сејфти Системс“ го презентирал новиот начин на државна поддршка чија цел е да се поттикнат инвеститорите што побрзо да ги остварат зацртаните таргети и да се иницираат дополнителни услови што ќе овозможат реализација на нови развојни проекти.
- Тука сме да ги слушнеме проблемите со кои се соочуваат компаниите, но и нивните планови за нови инвестиции. Во изминатите неколку месеци имаме конкретни најави за инвестиции од 80 до 100 милиони евра, како од постоечките, така и од нови фирми. Особено е позитивно тоа што компаниите работат успешно и размислуваат да ги прошируваат капацитетите. Тоа ќе значи не само нови работни места, туку квалитетни и добро платени места. Остануваме посветени преку конкретни мерки кои веќе ги предлагаме, да поттикнеме спирала за пораст на платите, изјавил  Деспотовски.
Како еден од главните проблеми била посочена продуктивноста во производствениот процес.
 
-Продуктивноста е проблем децении наназад. Со компаниите разговараме како да работиме заеднички да расте продуктивноста – а тоа е еден од начините како да се поттикне раст на платите. Развиваме и посебна програма што предвидува државата преку кофинансирање да ги поддржи компаниите да спроведуваат програми за развој на вештини, што ќе поттикне раст на продуктивноста, а преку тоа и пораст на платите. Растот на платите ќе се случува, веќе се случува, но работиме на тоа да биде поинтензивно, истакнал Деспотовски.
Најавил дека веќе се имплементира инвестициски циклус од 15 милиони евра во основната инфраструктура во повеќе зони, кој е изготвен во соработка со корисниците и според нивните потреби.
Компаниите, како што стои во соопштението, изразиле задоволство од новите предлози и најавиле конкретни планови за проширување на своите производствени капацитети и повисоки плати.
 
Директорот на „Костал Македонија“ Виктор Мизо посочил дека за инвеститорите е многу важно да имаат здрава и добра инвестициска клима, како и можност за развој и задоволување на договорните обврски на државата.
 
“Костал Македонија“ планира воведување на нови производствени линии и отворање нови работни места. Планот е наредните неколку години, филијалата во Охрид да биде една од двете најважни локации на „Костал“ групацијата во Европа.
- Тоа е многу позитивно и за државата, доколку се земе предвид додадената вредност на крајните производи на компанијата, со потенцијал за неколку години да се оствари годишен извоз од над 300 милиони евра и вработување на над илјада висококвалификувани вработени, посочил Мизо.
 
Покрај Костал, и „ОДВ Електрик“ и „Џојсон Сејфти“ најавуваат конкретни планови за проширување на производствените капацитети, воведување на нови производствени линии на производи со повисок квалитет и повисока додадена вредност, како и мерки за поттикнување на засилен раст на плати. Овие три компании за следниот период веќе најавуваат отворање на дополнителни 500 работни места, покрај сегашните 2000. бак/ац/

Остани поврзан