• понеделник, 15 декември 2025

Десничарот Хосе Антонио Каст е нов претседател на Чиле

Десничарот Хосе Антонио Каст е нов претседател на Чиле

Сантијаго, 15 декември 2025 (МИА) - Хосе Антонио Каст победи на вчерашните претседателски избори во Чиле, искористувајќи ги стравовите на гласачите од зголемувањето на криминалот и миграцијата, а политиката на јужноамериканската земја сега е во најостриот пресврт кон десно од крајот на воената диктатура во 1990 година, јавија британските медиуми.

Каст обезбеди убедливи 58 проценти од гласовите во вториот круг пред левичарската кандидатка Жанет Хара, која освои 42 проценти и брзо ја призна победата на својот противник. 

За време на неговата повеќедецениска политичка кариера, Каст беше тврдокорен десничар. Тој предложи изградба на граничен ѕид, испраќање на војската во области со висока стапка на криминал и депортирање на сите нелегални имигранти во земјата.

Неговата победа го означува најновиот триумф на десницата, која се разбуди во Латинска Америка, а во која се приклучија Даниел Нобоа од Еквадор, Наиб Букеле од Ел Салвадор и Хавиер Милеј од Аргентина.

Кампањата беше трета претседателска кандидатура на Каст и ова е втор пат тој да стигне до вториот круг од изборите, откако загуби од левичарскиот претседател Габриел Борик во 2021 година. Многу Чилеанци го сметаа за премногу екстремен, но сега тој ги привлече гласачите кои се повеќе се загрижени за криминалот и имиграцијата.

„Неговата убедлива победа, дури и во делови од Чиле кои традиционално гласаат за левичарски кандидати, веројатно беше мотивирана од фактот што многу гласачи ја отфрлија Хара, сметајќи ја за премногу радикална поради нејзиното членство во Комунистичката партија“, рече политикологот Клаудија Хајс од Универзитетот во Чиле.

Предлозите на Каст вклучуваат формирање полициски сили инспирирани од американската Служба за имиграција и царина за брзо апсење и депортирање на нелегални мигранти во земјата. Тој, исто така, најави масовно намалување на јавната потрошувачка.

Чиле е најголемиот производител на бакар во светот и главен производител на литиум, а очекуваната дерегулација и спроведување на политики поволни за пазарот веќе го зголемија локалниот берзански пазар, пезосот и референтната вредност на акциите.

Меѓутоа, порадикалните предлози на Каст веројатно ќе се соочат со отпор во поделениот парламент. Десничарските партии освоија места во двата законодавни дома на општите избори во ноември, но повеќето од тие места им припаднаа на традиционалните партии.

Сенатот е подеднакво поделен помеѓу левичарските и десничарските партии, додека популистичката Народна партија има мнозинство во Долниот дом на парламентот. 

„Каст ќе мора да задоволи широка база на гласачи“, рече политичкиот аналитичар и професор на Универзитетот Валпараисо, Гилермо Холцман.сд/

Фото: ЕПА

Остани поврзан