• четврток, 26 декември 2024

Дескоска: Укината апанажа или „многу врева за ништо“?!

Дескоска: Укината апанажа или „многу врева за ништо“?!

Скопје, 2 март 2023 (МИА) - Укината апанажа или „многу врева за ништо“?! Не сакам да бидам „расипувач на забави“, но сметам дека треба да си го поставиме прашањето дали ефектот на вчерашната одлука на Уставниот суд ќе биде укинување на #апанажата во случаи на разрешување и оставка, напиша на Фејсбук професорката по уставно право и поранешна министерка за правда, Рената Дескоска во врска со одлуката на Уставниот суд кој го укина членот 22 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани функционери, што значи дека функционерите кои си поднеле оставка или биле разрешени нема да можат да земат апанажа.

Дескоска го цитира членот 19 од од Законот за плата и други надоместоци кој гласи „пратеник кој за време на вршењето на пратеничката функција остварувал плата или надоместок на плата во месечен износ во Собранието, функционер и раководен работник кој го именува Собранието, односно назначува телото што тоа ќе го овласти претседателот на Република Македонија и Владата кој за време на вршењето на функцијата остварувал плата, може да остварува плата по престанувањето на функцијата за време до една година, и тоа: три месеци, ако функцијата ја вршел до шест месеци, шест месеци, ако функцијата ја вршел од шест месеци и еден ден до 12 месеци, девет месеци, ако функцијата ја вршел од 12 месеци и еден ден до 24 месеци и 12 месеци, ако функцијата ја вршел 24 месеци и еден ден и повеќе“.
 
Во објавата на Фејсбук професорката Дескоска го анализира членот 19 кој предвидува апанажа и при престанок на мандатот со негов истек и при предвремен престанок на мандатот, без конкретно да наведува или да прави разлика меѓу случаите. - Предвремениот престан на функцијата дури е и наведен во четирите алинеи каде се предвидува различно траење на апанажата во зависност од траењето на функцијата. Овие алинеи се подоцна внесени во законот и тогаш не е интервенирано во членот 22, кој сега е укинат, пишува Дескоска.
 
Сега, како што нагласува таа, ни останува да ја почекаме објавена одлуката на Уставниот суд и нејзиното образложение, односно како ќе го толкуваат начелото на владеење на правото и дали основ ќе биле уставноста или целисходноста.
 
-Ова го пишувам бидејќи имав можност да прочитам едно издвоено мислење во кое некои судии аргументираат за наводна (не)целисходност на некои законски одредби, што секако не е надлежност на Уставниот суд). Секако ќе биде интересно да го видиме и постапувањето на органите во првиот случај кога разрешен функционер ќе поднесе барање за апанажа, за да видиме дали нешто практично смени вчерашната одлука или ќе излезе „многу врева за ништо, посочува Дескоска во својот Фејсбук статус.
 
Вчера, Уставниот суд донесе одлука за укинување на членот 22 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани функционери. Иницијативата е поднесена на почетокот на 2022 година, од страна на Глигорие Ќатоски, адвокат од Струга. Оспорени беа 7 члена од Законот, од 19-25, но Судот го оцени само членот 22 како спротивен на Уставот.

Остани поврзан