• сабота, 16 ноември 2024

Десет млади ракометари од Бурунди дојдоа во Хрватска на Мундијал, а потоа исчезнаа

Десет млади ракометари од Бурунди дојдоа во Хрватска на Мундијал, а потоа исчезнаа

Риека, 10 август 2023 (МИА) – Хрватската полиција се уште трага по исчезнатите 10 граѓани на Бурунди во Хрватска. Станува збор за млади ракометари учесници на Светското кадетско ракометно првенство, што меѓу другите градови се игра и во Риека.

 

Станува збор за десет млади момчиња, родени 2006 година, кои вчера на 9 август околу 15 часот и 30 минути се оддалечиле во непознат правец од кругот на студентскиот центар Риека, каде што биле сместени за време на првенството и не одговараат на телефонски повици.

 

Се преземаат мерки и дејствија за пронаоѓање на исчезнатите лица, како и утврдување на сите релевантни факти и околности за нивното исчезнување, информираат од тамошната полиција.

 

- Како организатор на Светското првенство во ракомет за мажи во категоријата У-19, можеме да потврдиме дека десетмина африкански репрезентативци пред натпреварот против Бахреин го напуштија кампусот во Сушак каде што се наоѓаа, а без знаење на стручниот штаб на својата репрезентација, во непознат правец. И покрај тоа што беа почитувани највисоките безбедносни стандарди, усогласени со оценката на МВР, а просториите беа обезбедени од соодветен број полицајци, припадници на службата за безбедност и чувари, претставниците на државата Бурунди одлучија да го напуштат натпреварувањето и да заминат во засега непознат правец, коментираат од Хрватскиот ракометен сојуз.

 

За немилиот настан официјално се известени надлежните полициски служби и започната е потрага и покрај тоа што ваквите настани формално се третираат како исчезнување на лице/лица дури по 24 часа.

 

- Ние сме во целосен шок. И ние и родителите на нашите репрезентативци, со кои сме во постојан контакт. Ги молиме сите што можат да ни помогнат да ги најдеме нашите момци. Не знам ни како би се вратиле дома без нив, рече претседателот на Ракометниот сојуз на Бурунди. 

 

Натпреварот меѓу репрезентациите на Бурунди и Бахреин, кој требаше да се одигра денеска беше откажан, односно регистриран со службен резултат 10:0 за Бахреин. зс/

 

Фото: Фејсбук

Остани поврзан